Народно движење за Македонија на прес-конференција побара бугарските европратеници Анѓел Џамбаски и Андреј Ковачев да се прогласат за непожелни личности во Република Македонија.

Злате Војноски член на Извршниот комитет на НДМ рече дека бугарските европратеници по кој знае кој пат продолжуваат со своите груби, во основа антимакедонски провокации за негација на македонската државност, нација и јазик.

-Европратениците Џамбаски и Ковачев, со издејствуваната резолуција во Европскиот парламент, со која бараат непостоечки Бугари во Албанија во места каде 100 отсто живеат само Македонци кои зборуваат на македонски јазик, со непокорлив Македонски дух, преку традиција, обичаи песни, ора, уште еднаш се обидоа да извршат негирање на Македонците од Голо Брдо, Мала Преспа и Гора во Албанија – вели Војноски.

Тој додава дека согласно меѓународното право, Македонија има меѓународно-правно признато право да прогласи одредена личност за непожелна, дури, без да дава образложение за тоа, поради заштита на своите национални интереси.

НДМ смета дека нивната иницијатива против двајцата европратеници е најдобар можен начин за заштита на македонските национални интереси.