Фото: Архива на Мета.мк

Повеќе од половина од домашните банки имаат преземено активности за одобрување „зелени кредити“ на домаќинствата и на корпоративниот сектор, при што дел од нив имаат развиено и систем за идентификување еколошки одржливи проекти, соопштуваат од Народната банка на Северна Македонија (НБРСМ). Ова го покажуваат резултатите од Анкетата за согледувањата на банките за деловните активности и ризиците од работењето во 2021 година и од Анкетата за оцена на ризиците врз финансиската стабилност, кои НБРСМ согласно со досегашната практика ги спроведе во првиот квартал од годинава.

Според Анкетата, главни предизвици со кои се соочиле домашните банки како последица на корона кризата се отежнато оперативно работење и продажба на производи и услуги на постојните и стекнување нови клиенти, како и отежнатото спроведување или одложување на важните планирани проекти.

Особено значајно е што најголем дел од банките очекуваат натамошна посветеност на кредитната поддршка на малите и на средните компании, а значителен е и бројот на банки што очекуваат зголемување на финансирањето проекти, на кредитирањето на големите нефинансиски друштва, како и на „зелените кредити“.

„Зелените кредити кај повеќето банки имаат учество до 10 отсто од вкупното кредитно портфолио на домаќинствата и на корпоративниот сектор, каде што главно се насочени кон преработувачката индустрија, по што следува дејноста снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација и дејноста транспорт и складирање, со одредена застапеност и во градежништвото и други дејности“, соопштуваат од НБРСМ.

Во однос на финансиските резултати во работењето, банките главно имаат поволни очекувања за 2021 година и покрај неизвесноста поврзана со пандемијата.

Гледано по поединечни ризици, пандемијата со ковид-19, според испитаниците, е главниот извор на ризици за домашниот финансиски сектор во оваа година. Следни по значење се ризиците од домашното окружување. Од ризиците од надворешното окружување, испитаниците како најзначаен го издвојуваат оној поврзан со глобалниот економски амбиент по што следуваат ризици со динамиката на глобалната трговска активност и на цените како и ризиците поврзани со глобалните финансиски пазари и амбиентот на ниски каматни стапки. Резултатите од анкетата покажуваат дека најголемиот број од испитаниците изразиле висока доверба во домашниот финансиски систем.

Анкетата за согледувањата на банките за деловните активности и ризиците од работењето во 2021 година ги опфати сите банки што во македонскиот банкарски систем, додека Анкетата за оцена на ризиците врз финансиската стабилност, покрај банките, ги опфати и останатите финансиски институции (штедилници, друштва за управување со пензиските фондови, осигурителни друштва, финансиски друштва, брокерски друштва, друштва за лизинг и друштвата за управување со инвестициските фондови) и економските аналитичари.