Фото: Архива на Мета.мк

На вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка било одлучено да не се менува основната каматна стапка на благајничките записи, односно истата да остане на нивото од 2,5%. Понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари, информираат од Народната банка на РСМ.

Од Народната банка велат дека на девизниот пазар се забележува значајно стабилизирање во последниот период, а Народната банка интервенира со откуп на девизи. Притоа, притисоците од енергетската криза се намалени значително, додека приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата. Воедно, на девизниот пазар видливи се и одредени позитивни поместувања во однос на побарувачката на девизи од страна на домашните физички лица, што укажува на постепено стабилизирање на очекувањата и довербата на домашните субјекти.

„Најновите податоци за инфлацијата покажуваат просечна инфлација од 10,9% во периодот јануари – јули 2022 година, при што три четвртини од овој раст и натаму се објаснува со растечките цени на храната и енергијата. Оттука, динамиката на инфлацијата и натаму главно е одраз на фактори на страната на понудата, односно на порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична енергија, која е под влијание на случувањата во глобалниот пазар на енергија“, наведуваат од Народната банка.

Тие додаваат дека ваквите притисоци брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, што упатува на потребата од водење претпазливи домашни политики.

„Годишната динамика на базичната инфлација остана стабилна. Исто така, најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци, односно очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу, додека кај цените на нафтата се очекува стабилизирање на крајот на 2022 година, а потоа и нивно намалување“, велат од Народната банка.

Сепак, ризиците на страната на понудата, особено во поглед на идните движења на цените на енергијата и храната, и натаму се значително изразени поради воените случувања во Украина, со што останува голема и неизвесноста поврзана со пренесените ефекти врз домашната инфлација. 

Податоците за активноста во домашната економија во првиот квартал од 2,4%, како и оцените за понатамошен раст за периодот април – јуни 2022 година засега се во согласност со последните очекувања. Ризиците за понатамошниот период остануваат надолни, во услови кога воениот конфликт во Украина, продолжената пандемија и глобалните геополитички тензии делуваат на голема променливост и непредвидливост на надворешните економски и финансиски услови. Така, во овој период се забележува натамошен, но малку поумерен годишен раст кај индустријата, прометот во вкупната трговија и угостителството, додека активноста во градежништвото во периодот април – мај бележи забавување на падот.   

Од Народната банка велат дека ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени. Главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста предизвикана од глобалните геополитички тензии и нивното влијание врз цените и економската активност во глобални рамки. Не треба да се занемарат и ризиците од пандемијата на ковид-19, којашто сѐ уште не е завршена. Во вакви услови уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење претпазливи домашни политики.

Напишете коментар