Photo by rupixen.com on Unsplash

Поради влијанието на пандемијата со ковид-19, кај граѓаните се сменија и навиките за начинот на плаќањата. Така, кај плаќањата со платежни картички во трговијата во земјата во третиот квартал од 2020 година има значителен годишен раст, и кај бројот, и кај вредноста на остварените трансакции, од 41 отсто и 42 отсто, соодветно. Притоа, забележлив е висок годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните со платежни картички на местата на продажба на интернет, кој во третиот квартал од оваа година изнесуваше 175 отсто и е речиси петкратно повисок од оној во истиот квартал од минатaта година (37,7 отсто), покажува објавената статистика на Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) за третиот квартал од годинава.

„Во однос на користењето на платежни картички на физичките места на продажба, во третиот квартал од годинава беше остварен годишен раст од 36,8 отсто, кој е значително повисок од оној во истиот квартал од минатата година (22,3 отсто). Од друга страна, негативно влијание на пандемијата е изразено кај плаќањата со користење на инструментот-кредитни трансфери, кои забележаа годишен пад од 4,4 отсто, кај бројот, и од 4,9 отсто кај вредноста на трансакциите“, соопштија од Народна банка.

Од НБРСМ додаваат дека за извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации, што укажува на натамошно менување на платежните навики во прилог на користењето на дигиталните канали. Бројот на плаќања извршени со мобилен телефон забележително пораснал за значителни 84,2 отсто на годишна основа, додека во истиот период лани растот на овие плаќања изнесувал 49,3 отсто.

Покрај тоа, во третиот квартал од 2020 продолжува и трендот на голема употреба на компјутерите за извршување плаќања во земјата од страна на граѓаните. Кај овие плаќања се забележува висок годишен раст од 20,1 отсто, повисок за четири пати од  раст во третиот квартал лани, кој изнесуваше 4,7 отсто. Но, од друга страна, пандемијата на ковид-19 придонесе за пад на бројот на кредитни трансфери на хартија од 34,4 отсто, наспроти годишниот раст во истиот квартал во минатата година, од 8,5 отсто.

„Менувањето на навиките на граѓаните во услови на ограничено движење поради пандемијата придонесе за впечатлив годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 141 отсто, како и на кредитните трансфери иницирани по електронски пат од 28 отсто, во текот на сите три квартали од 2020 година“, информира Народна банка.