Фото: Nick Chong на Unsplash

Поради актуелноста на крипто-средствата на глобално ниво, тимот на Портата за иновации на Народната банка на Северна Македонија (НБРСМ) на својата веб-страница, објави одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста.

Во своите одговори, Народната банка ѝ укажува на јавноста дека како и во други земји, така и кај нас, нема општо прифатена дефиниција за крипто-средствата. Во основа, тие се сметаат за специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, коешто не е издадено, ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка или друг регулаторен орган, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем.

„Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата земја. Согласно со постојната регулатива, плаќањата во земјата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот. Како и во многу други земји, така и кај нас, не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата“ потенцираат од НБРСМ.

Оттаму посочуваат дека за краток временски период се можни исклучително високи промени во пазарната цена на крипто-средствата (како во нагорна, така и во надолна насока). Сите кои вложуваат треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула. Токму поради ова, вложувањата во крипто-средства не се гарантирани и не постои механизам преку кој лицата ќе бидат обесштетени. Оттука, ако пропадне платформата преку која се врши тргувањето или субјектот кој издал некое крипто-средство, не постои механизам за обесштетување на имателите на крипто-средства.

Вложувањето во крипто-средства се смета за високо ризично, а сите коишто вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања, истакнуваат од НБРСМ. Меѓудругото, имајќи предвид дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависат од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење имот.

Одговорите на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата, објавени од Народната банка, ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации. Со оглед на тоа дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови, во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво.