Здравствената криза имала поумерени негативни ефекти врз економската активност во последниот квартал во 2020 година во однос на претходниот и движењата во домашната економија се поповолни, покажуваат најновите макроекономски показатели на Народна банка.

„Стапката на инфлација во домашната економија во 2020 година се задржа на ниско и стабилно ниво од 1,2 проценти што е речиси во целост согласно со нашите проекции. Девизните резерви во 2020 година остварија раст и се за околу 100 милиони евра повисоки од нашите проекции, одржувајќи се во сигурната зона. Натамошен солиден годишен раст на вкупните депозити и вкупните кредити во 2020 година. Кредитната активност е во рамки на очекувањата, додека кај депозитите се оценува надминување на проекцијата,“ се вели во Месечната информација за најновите макроекономски показатели.

Од Народна банка велат дека со почетокот на вакцинацијата за заштита од ковид-19 се зголемил оптимизмот кај економските субјекти во однос на очекувањата за глобалниот раст на среден рок. Но сепак, и понатаму постои високата неизвесност, како и ризиците поврзани со развојот на пандемијата и нејзиното времетраење.