Најновите економски показатели во домашната економија покажуваат дека растот на економската активност значително забавил во првиот квартал од годинава и изнесувал 0,2 отсто на годишна основа, наспроти раст од 3,4 отсто во претходниот квартал. Случувањата поврзани со појавата на ковид-19 во глобални рамки, како и мерките кои беа преземени за спречување ширење на вирусот, во текот на март доведоа до влошување на деловната активност кај поголем дел од економските дејности.

„Ваквата состојба се одрази врз домашната побарувачка, која имаше помал позитивен придонес за растот на БДП, кој речиси во целост беше неутрализиран од негативниот придонес на нето извозот. Послабата домашна побарувачка во првиот квартал произлегува од малиот пад на бруто инвестициите, како и на забавувањето на растот на личната и јавната потрошувачка. Податоците за индустријата и трговијата за април упатуваат на понатамошни и понагласени негативни ефекти од здравствената криза, а девизните резерви забележале значаен раст од околу 600 милиони евра “, соопшти НБРМ, по редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на која беа разгледани најновите економски показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари.

Во услови на пандемијата на ковид-19 и мерките за спречување на ширењето на вирусот, кои неповолно влијаат и врз глобалната и врз домашната економија, а при солидно ниво на девизни резерви и отсуство на инфлациски притисоци, од почетокот на годината, монетарната политика е релаксирана.

„Намалувањето на основната каматна стапка до нивото од 1,5 отсто, како и досегашното позначајно намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за натамошно зголемување на ливидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економија. Каматната стапка на благајничките записи ќе се задржи на постојното ниво. Истовремено, ликвидноста ослободена преку основниот инструмент на Народната банка, од вкупно 15 милијарди денари во април и мај, е соодветна, при што се одлучи на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари“, соопштија од НБРМ.