Приливите од странство на сметките во Алта банка АД Битола преку СЕПА и кореспондентното банкарство ќе се одвиваат непречено, но одливите кон странство привремено ќе бидат прекинати и за физичките и за правните лица. Ова го соопшти Народната банка во појаснувањето објавено на 2 ноември за работењето на банката во периодот на привремената администрација.

„Приливите од странство преку СЕПА и кореспондентното банкарство ќе се одвиваат непречено, додека одливите кон странство привремено ќе бидат прекинати и за физичките и за правните лица“, се наведува во соопштението.

За фирмите се ограничени и трансакциите во земјата. Правните лица ќе можат да извршуваат само внатрешни плаќања кон сметките на други правни и физички лица во Алта банка, во неограничен износ. Нема да можат да префрлаат средства надвор од банката преку домашните платни системи, ниту да подигнуваат готовина од нејзините банкомати или шалтери.

За граѓаните е определен неделен лимит од 10.000 денари за одлив од сметките, кој може да се користи со картичките на банката за подигнување готовина и плаќања кај трговци. Префрлањето пари од сметките на физичките лица кон други физички и правни лица во самата банка останува неограничено.

Народната банка нагласува дека средствата на клиентите остануваат на нивните сметки, а привремено е ограничена динамиката на одливот за да се спречи нагло и масовно повлекување на ликвидноста, што би можело да ги загрози интересите на сите штедачи.

Од регулаторот посочуваат дека администрацијата е воведена исклучиво поради случувањата со акционерот со квалификувано учество, Алта банка АД Белград. Управувањето со имотот и работењето на битолската банка привремено го вршат лица именувани од Народната банка, со цел да се заштитат клиентите и доверителите до промена на сопственичката структура.

„Алта банка АД Битола продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа“, соопшти Народната банка, додавајќи дека банката е ликвидна, високо капитализирана, има солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува супервизорските стандарди.

Воведувањето администрација не значи ниту активирање на механизмот за исплата преку Фондот за осигурување депозити. Народната банка потсетува дека штедните влогови на физичките лица се осигурени до 30.000 евра, согласно законските правила, а кредитокорисниците треба и натаму навремено да ги исполнуваат обврските кон банката.

НБРМ најавува дека ќе ги преиспитува ограничувањата во зависност од развојот на состојбата и дека јавноста ќе биде навремено информирана за промените. Воедно, ги повикува клиентите да се информираат од официјални извори и да не носат одлуки врз основа на непроверени информации.

Привремената администрација во битолската банка беше воведена на 1 ноември, откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка АД Белград. Српскиот регулатор како причини ги наведе значителното влошување на финансиската состојба, ризикот од дополнително нарушување на ликвидноста и загрозувањето на интересите на депонентите.

Во Србија вчера беа уапсени три лица, меѓу кои и Давор Мацура. Според соопштението на Јавното обвинителство за организиран криминал што го пренесе Н1, постои сомнеж дека Мацура од трезорот на банката изнесувал пари и прибавил противправна имотна корист од околу 45 милијарди динари, односно повеќе од 380 милиони евра.

Гувернерот Трајко Славески, во вчерашното гостување во „Топ тема“ на Телма, ги обвини медиумските шпекулации за уривањето на српската Алта банка, велејќи дека „тие ја урнаа ‘Алта банка’, тие шпекулации дека се изнесуваат пари“. Тој ја бранеше и согласноста за преземањето на поранешната Стопанска банка Битола, наведувајќи дека пред одлуката биле побарани мислења од странски регулатори, вклучително и од Европската централна банка.

Србија ѝ ја одзеде дозволата на Алта банка, која лани ја презеде Стопанска банка Битола