fbpx

НБРМ: Кога инфлацијата значително се забрзува, одржувањето на ценовната стабилност е најважна

-

По една декада од ниска инфлација, од минатата година во глобални рамки постои тренд на значително забрзување на инфлацијата. Најпрво пандемијата, а оваа година и воениот конфликт во Украина, преку различни канали предизвикуваат зголемување на глобалните инфлациски притисоци. Инфлацијата расте во сите економии, а особено кај помалку развиените економии, при што повеќе од половината од нив имаат инфлацијата повисока од 10 отсто. Ова го посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата во рамките на средбите на Конституенцата. Таа кажа дека во регионот на Централна и Југоисточна Европа просечната инфлација е околу 15,5 отсто.

„Инфлацијата кај нас исто така забрза, со оглед на високата зависност од увоз на нашата економијата, особено зависноста во енергетскиот сектор, како и високото учество на храната и енергијата во потрошувачката кошничка. Иако клучниот фактор за раст на инфлацијата се цените на храната и енергентите, сепак нивниот долготраен и постојан раст се пренесува и врз цените на останатите стоки и услуги и влијае врз инфлациските очекувања, особено краткорочните. Во такви околности, централните банки мора да делуваат со своите мерки за намалување на инфлацијата, притоа имајќи ги предвид и тековните неповолни ризици за економските изгледи“, истакнала гувернерката.

Затоа, додала таа,речиси сите централни банки преземаат мерки, вклучително и ФЕД и Европската централна банка. Ваквиот начин на водење на монетарната политика ќе делува врз инфлациските очекувања и ќе придонесе за стабилизирање на среднорочните ценовни движења.

Покрај гувернерката, на панел-дискусијата под наслов „Цената којашто треба да се плати: Како да се заузда инфлацијата? Видувања на централни банки и министерства за финансии“ со која претседаваше Пјер Вунш, гувернер на Централната банка на Белгија, учествуваа и Амир Јарон, гувернер на Централната банка на Израел, Димитар Радев, гувернер на Централната банка на Бугарија, Михаи Пречуп, државен секретар при Министерството за финансии на Романија, а воведно обраќање имаше гувернерот на Холандската централна банка, Клас Нот, како и директорот на Европскиот оддел на ММФ, Алфред Камер.

Учесниците зборувале за предизвиците кај носителите на политиките во услови кога инфлациските притисоци ги засегаат сите сегменти од економијата, нагласувајќи ја значајноста на добрата координација помеѓу монетарната и фискалната политика за успешно справување со предизвиците, имајќи превид дека на тој начин директно може се ублажат неповолните ефекти врз најпогодените сектори и делови од населението.

„Зголемувањето на цените на енергијата и на храната е големо и трае подолг временски период. Овие предизвици кај ценовните движења не се новитет за носителите на политиките, но со оглед на високата неизвесност околу идната динамика во услови на геополитички превирања потребна е голема внимателност. Во вакви околности, од големо значење е балансирано и координирано носење на одлуките на монетарната и фискалната политика. Структурните реформи исто така може да имаат улога во намалувањето на инфлацијата преку мерки коишто овозможуваат зголемување на агрегатната понуда. Во економиите во подем тоа подразбира натамошни мерки за унапредување на деловното окружување, зајакнување на зелените инвестиции и зголемување на дигитализацијата. Најновата мерка на Народната банка со која се прават измени кај задолжителната резерва е токму за поддршка на инвестициите во обновливи извори на енергија со што се засега овој структурен проблем“, наведено е во соопштението на НБРМ.

Во Холандската конституенца на Меѓународниот монетарен фонд и Групацијата на Светската банка, покрај Холандија и нашата земја, членуваат и Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора. Средбата годинава под наслов „Од криза до закрепнување“ се одржува од 14 до 16 септември во Сараево.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...