Народната банка реализира проект за електронско банкарство за извршување на платниот промет со странство за потребите на државата и на државните органи.
Целта на проектот е зголемување на квалитетот и на ефикасноста на услугите, како и заштеда на време, човечки и материјални ресурси кај државните институции.
– За промоција и за запознавање со предностите на електронското банкарство, во изминатиот период во рамки на Народната банка беа организирани презентации, на кои присуствуваа околу 260 претставници од повеќе од 90 државни институции од централната и од локалната власт. Учесниците на презентациите беа запознаени со функционалностите на системот што овозможува побрз протек на документи и на информации преку електронско доставување налози за плаќање кон странство, електронско известување за пристигнати приливи, како и електронско доставување барања за подигнување и за враќање готовина – велат од Народна банка.
Оттаму додаваат дека новата услуга на Народната банка ќе биде достапна од април годинава, како и дека нуди и поповолни надоместоци за електронски доставените налози во однос на хартиените налози.