Советот на Народната банка на Македонија го усвои годишниот извештај за 2016 година, при што се вели дека девизниот курс останал стабилен, стапката на реален пораст на економијата изнесувала 2,4 проценти и е умерено пониска во споредба со 2015 година.

На крајот на 2016 година, надворешниот бруто-долг изнесува 7.253,2 милиони евра, или 73,5 отсто од домашниот бруто-производ, што претставува пораст од 4,1 процентен поен од домашниот бруто-производ во споредба со крајот на 2015 година.

„И покрај силното влијание на нестабилната политичка состојба во земјата, придружена со шпекулации за девалвација на курсот на денарот и за стабилноста на домашните банки и депозитите вложени кај нив, што беше особено изразено во првата половина од годината, банкарскиот систем ја задржа стабилноста“, велат од Народна банка.

Според Народна банка, повлекувањето на депозити од банкарскиот систем, присутно во второто тримесечје од 2016 година, претставувало вистински стрес-тест за соодветноста на обемот на ликвидните средства на банките, кои се намалиле за повеќе од 10 проценти за само еден квартал.

„Сепак, со повисокиот износ на претходно акумулирани ликвидни средства, како и инструментите на Народната банка за креирање ликвидност, успешно се амортизираше оваа кризна епизода во домашниот банкарски систем и дури се овозможи остварување позитивни стапки на кредитен пораст, како главен извор на приходи за банкарскиот систем“, велат од Народна банка.