Во 2019 година, цената на нафтата, изразена во евра, оствари пад од речиси 5 отсто во однос на претходната година, што е слично со октомвриските проекции, покажува најновата анализа на Народната банка.

„За 2020 година, според најновите оцени, се очекува повисоко ниво на цената на нафтата, односно значително помал пад на цената во споредба со октомвриските оцени, како резултат на засилените геополитички тензии на Блискиот Исток, најавите за потпишување на првата фаза од трговскиот договор помеѓу САД и Кина, како и одлуката на земјите членки на ОПЕК+ за дополнително намалување на дневното производство на нафта“, информираат од Народната банка.

Оттаму објаснуваат дека на состанокот на земјите членки на ОПЕК+ од 6 декември 2019 година била донесена одлука со којашто дневното производство се намалува за дополнителни 500.000 барели на ден од претходно договорените (1.200.000 барели на ден од декември 2018 година), при што одлуката ќе се применува од 1.1.2020 година до крајот на март.

Наспроти тоа, во 2021 година се очекува посилен пад на цената на нафтата.

За анализата на цените на нафтата, Народната банка користи разни извештаи на ММФ, Светската банка, ФАО, ОПЕК, ЕЦБ и на специјализирани меѓународни економски портали.