Назначена новата Младинска амбасадорка за сексуално и репродуктивно здравје, родова еднаквост и телесна автономија

фото: преземена од Твитер / @NLinSkopje

Лора Бас е новата Младинска амбасадорка за сексуално и репродуктивно здравје и права, родова еднаквост и телесна автономија, назначена во Холандија.

Како амбасадорка за млади, Лора игра важна улога која ги поврзува младите со креаторите на политики, со цел да се усогласи работата на холандското Министерство за надворешни работи (МНР) со потребите на разни младински групи.

Позицијата Младински амбасадор произлезе од заедничката визија на холандското МНР и „CHOICE for Youth and Sexuality“, организација со седиште во Холандија, која е предводена од млади лица и промовира сексуално репродуктивно здравје и права и значајно учество на младите.

МНР на Холандија и „CHOICE for Youth and Sexuality“ сметаат дека младите треба да бидат повеќе вклучени во креирањето политики и во донесувањето одлуки што ги засегаат нив.

Како што велат од организацијата, преку работата на Младинскиот амбасадор младите имаат официјален глас во креирањето холандска меѓународна политика во однос на нивното сексуално и репродуктивно здравје и права.

„Младинскиот амбасадор се фокусира на теми како сексуални и репродуктивни права, слобода на избор и согласност, како и родова еднаквост. Покрај тоа, таа ја придружува холандската делегација на конференции на Обединетите нации, учествува во преговорите за носење закони во рамки на ОН и посетува млади луѓе во и надвор од Холандија“, стои во описот на позицијата на Лора Бас.

Во фокус на работата на Лора годинава е Сеопфатното сексуално образование (ССО) и менструалната сиромаштија, која подразбира недостапност на услови и средства за менструална хигиена, како и недостаток на едукација за менструалниот циклус.

„Освен сексуалното образование кое во моментов е обезбедено во Холандија, ССО се занимава и со родовата разновидност, пријатните и социјалните аспекти на сексот и согласноста. Не само на холандските млади луѓе, туку и на младите ширум светот им треба сексуално образование што опфаќа повеќе од биолошките аспекти на сексот. Покрај тоа, ССО води кон подобра употреба на контрацепција и помалку несакани бремености“, велат од „CHOICE for Youth and Sexuality“.


Лора е посветена и на кршење на стигмата околу менструацијата. Таа вели дека жените не треба да се срамат од биолошкиот процес што се однесува на нивниот репродуктивен систем.

„Како млад човек, мислам дека е време сексуалното образование да не биде само за полово преносливи болести и за бременоста, туку и за задоволството и откритието што доаѓаат со сексот. Покрај тоа, сакам да го скршам табуто околу менструалната сиромаштија“, вели Лора.

Според информациите на „CHOICE“, само во Холандија повеќе од 25.000 млади девојки и жени го пропуштаат образованието бидејќи не можат да си дозволат санитарни крпи и други производи за менструација.

Оттаму додаваат дека повеќе може да се постигне и на меѓународно ниво.

„На пример, во Уганда, 28 отсто од девојчињата не посетуваат училиште за време на нивниот период, а 12 отсто од индиската популација не може да си дозволи менструални производи. Покрај тоа, недостатокот на знаење за хигиената на менструацијата често доведува до болести“, велат од „CHOICE“.

Лора долго време се залага и за родова еднаквост. Минатата година го започнала својот проект за родова еднаквост на пазарот на трудот. Исто така, се нашла на третото место на „Мис на светот-Холандија“, а во моментов посетува магистерски студии по култура, организација и менаџмент.

Нејзината мотивација доаѓа од убедувањето дека секој млад човек треба да биде во можност да направи информиран избор за својот живот. Сексуалното и репродуктивното здравје и права, родовата еднаквост и телесната автономија се клучни за да се постигне тоа.

Добредојде на новата Младинска амбасадорка за сексуално и репродуктивно здравје и права, родова еднаквост и телесна автономија ѝ посака Холандската Амбасада во Северна Македонија.