Во пресрет на клучниот натпревар против Чешка од квалификациите за пласман на Европското првенство што ќе се одржи во Хрватска во 2018 г., навивачите денеска ќе имаат можност да се дружат со машката ракометна репрезентација.
Настанот во чии рамки селекторот Раул Гонзалес, капитенот Кире Лазаров и уште неколку репрезентативци ќе бидат на располагање за потпишување дресови, ќе се одржи од 12 до 13 часот на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.
Од РФМ информираат дека билетите за утрешниот натпревар меѓу селекциите на Македонија и на Чешка се целосно распродадени и ги повикаа гледачите кои ќе ја бодрат македонската репрезентација од трибините на арената „Борис Трајковски“ да дојдат минимум половина час пред почетокот на натпреварот.