Министерството за образование и наука предлага наставниот час во основно образование да трае 30 минути, а во средно образование – 35 минути, вели заменичката-министерка за образование и наука Елизабета Наумовска во интервјуто за Мета во кое ги објаснува новите предлози на ова министерство. Сите овие предлози се веќе во завршна фаза и сега за нив треба да се усогласат Комисијата за заразни болести, МОН и Кризниот штаб, по што Владата ќе го има крајниот збор.
Наумовска вели дека ако се усвојат ваквите предлози на училиште задолжително ќе треба да одат децата од прво до трето одделение, а останатите ќе учат онлајн, освен во оние училишта каде што има доволно простор настава во исто време да следат и деца од повисоките одделенија. Таа вели дека најдобро е учебната година да започне околу 15 септември, зашто многу нешта зависат од политичката состојба во државата. Во таков случај, учебната година ќе биде продолжена и ќе трае до 20 јуни, додава таа.
– Стартот многу зависи од тоа кога ќе се формира Влада. Први септември како датум е невозможно да се испочитува, многу е кусо времето. Мора да почекаме прво да се усвојат законски измени за сите овие новини, кои зависат од Собранието, па потоа да се почне со настава – вели Наумовска.
Според новите предлози, децата нема да имаат топол оброк на училиште. Секој од нив ќе си носи од дома храна или ќе им ја подготвува операторот со храна ангажиран од училиштето, но оброкот ќе е спакуван. Часот се предлага да трае 30 минути. Ако паралелката е со поголем број деца, тогаш децата би биле поделени во две групи. Наставникот прво би ги одржувал часовите со едната група, а потоа и со другата. Пред да дојде во училница втората група ученици, работните простории и целата училница ќе се дезинфицираат. Во помалите општини, односно во руралните општини каде што бројот на ученици не е голем, со физичко присуство ќе имаат настава и останатите ученици од повисоките одделенија.
Според Наумовска, сепак се педлага децата да имаа голем одмор, иако ризикот за ширење на заразата е најголем внатре, во ходниците и во училиштните дворови, каде што децата се мешаат. Но, Наумовска вели дека наставниците ќе имаат контрола врз ситуацијата и дека нема да го дозволат тоа.
Исто така, предвидено е Министерството за образование и наука, заедно со вработените од Државниот испитен центар како и од Бирото за развој на образованието да даваат стручни мислења и совети за наставниците, на кои ќе им бидат давани и насоки околу организацијата на часот и околу оценувањето. Предвидено е и да има обуки за наставниците за онлајн настава.
Наумовска вели дека национална платформа за работа од дома нема да има, туку на ниво на училиште (наставнички совет) ќе се избере платформа за учење која е најприфатлива за наставниците. Моделот учење од далечина подразбира користење на дигитални платформи и алатки за реализација на наставата, па потребна е техничка подготовка за електронската интерактивна платформа за учење на далечина како на пример Moodle, Google classroom, Teams, Edmodo и слично.
Предложени се промени и во однос на оценувањето на основците и на средношколците.
Наумовска потсетува дека Бирото за развој на образованието пред неколку месеци изготви упатство за оценување, но наставниците не беа задоволни од тој модел на оценување, бидејќи според тие правила, не можеа објективно да ги оценат децата.
– Сега она што го размислуваме е оценувањето на тримесечие да се спроведе во училиште. По претходен план и најава, децата ќе се повикуваат во мали групи да бидат тестирани во училницата. Групата нема да биде поголема од 4 – 5 деца, кои во исто време ќе решаваат писмена по математика на пример. Тоа ќе се прави под контрола на наставниците кои во улога на тестатори, ќе ги надгледуваат учениците – вели заменичката-министерка за образование.
Според неа оценувањето ќе остане сумативно и формативно, односно ќе се следи целокупната активност на ученикот.
– Децата ќе имаат наставни ливчиња со задачи како и досега, но, ќе имаат и задолжителни писмени работи, кои ќе треба посериозно да ги сфатат и затоа ќе треба да одат во школо да ги решат. Вакво појавување на училиште ќе има пред тримесечие, пред полугодие и на крај на учебната година, за да се формираат оценките – вели таа.