Четири илјади третоодделенци во мај ќе полагаат тестови кои ќе ги подготват државните образовни институции, а резултатите треба да покажат кои се грешките во системот што ќе треба во иднина да се поправаат. Ова сега ќе биде пилот-тестирање, а од идната година вакви тестови ќе полагаат учениците во трето, петто и во деветто одделение. Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар вели дека ова тестирање нема врска со екстерното и дека резултатите нема да влијаат врз успехот на учениците и на платите на наставниците.
„Резултатите од ова тестирање нема да влијаат на успехот, ќе се користат за поатамошно креирање образовни политики. Полагањето ќе се реализира со физичко присуство, учениците ќе решаваат на хартија, а не на компјутер. Ќе се почитуваат протоколите за дистанца, ќе се проветруваат училниците, бројот на деца што ќе полагаат ќе биде мал. Прашањата се веќе направени“, информира Наумовска.
Надлежните повеќе пати досега потенцирале дека учениците учат многу непотребни податоци, односно и тие што ги учат ги учат на памет, а во исто време и наставниците поставуваат прашања исклучиво од учебникот, најчесто фактографски, кои најчесто се забораваат откако ќе заврши тестот.
На националното тестирање, ќе има содржини за кои учениците ќе треба да одговорат, што разбрале од него
Ова се прави за да им биде познат ваквиот пристап на децата кога ќе треба да бидат дел од меѓународни истражувања и тестирања, на кои се бара разбирање и логичко размислување. Досега, македонските ученици на тие тестирања покажуваа многу слаби резултати.
„Националното тестирање ќе ни помогне да правиме анализи за постигнувањата на децата, а ќе ни покаже и какви промени треба да се прават во образованието“, вели директорката директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска.
Таа додава дека учениците ќе се тестираат за јазични вештини и за математичка писменост, односно ќе имаат тест по мајчин јазик и по математика.
„Целта е да се оцениме самите како систем, пред да ги пуштиме учениците на меѓународно тестирање“, потенцира Наумовска.
Слабите резултати на меѓународните тестирања, беа доволен показател дека надлежните треба да воведат промени во системот. Затоа и беше изготвена и усвоена неодамна нова концепција за основно образование, која треба да го промени начинот на учење. Овој период, тимови составени од наставници и советници работат на подготовка на новите наставни програми. Од септември, по нови наставни програми ќе учат учениците во прво и во четврто одделение.