Научници од земјава и странство ќе учествуваат на 49. Меѓународна научна конференција

Фото: МСМЈЛК

Осумдесетина македонисти, слависти и балканисти од над 20 институции од земјата и од странство ќе учествуваат на 49. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), информираат од МСМЈЛК.

Конференцијата ќе се одржува утре и задутре во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Носечките теми на Конференцијата се творештвото на Васил Иљоски и творештвото на Горан Стефановски, по повод јубилеите – 120 години од раѓањето на Иљоски и 70 години од раѓањето на Стефановски, како и „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески, по повод 70 години од нејзиното објавување.

„Поаѓајќи од речиси полувековната традиција на оваа конференција, во рамките на нашата мисија како Семинар, ние имаме и обврска да поттикнуваме на истражувања и научни потфати на македонските и странските истражувачи, коишто ќе фрлат нова светлина врз клучните остварувања за македонскиот јазик, литература и култура, притоа отворајќи нови теми и презентирајќи нови научни согледби и заклучоци“, истакнува директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Овие јубилеи, беа во фокусот и на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ којашто заврши вчера, но како што вели Мојсова-Чепишевска, преку Меѓународната научна конференција, МСМЈЛК при УКИМ ќе оствари влог и во испишувањето на новите страници на македонската книжевна историја.

Инаку, на Конференцијата ќе бидат опфатени и темите „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“, коишто како што нагласува Мојсова-Чепишевска, овозможуваат низ научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет.

Свеченото отворање на Конференцијата ќе се одржи утре, при што ќе биде промовиран и зборникот од минатогодишното издание на Конференција што се смета за еден од најобемните посветени на Конески што се објавени изминатиот период. 

На свеченото отворање ќе биде промовирана и книгата „Македонская литература XX-начала XXI века. Очерки истории“ од академик Ала Шешкен, којашто важи за еден од најдобрите странски познавачи на современата македонска книжевност. 

По отворањето, на Конференцијата, паралелно ќе се одвива работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура. 

Од Конференцијата ќе биде објавен и зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации за делото на културните дејци коишто се во фокусот на ова конференциско издание.