Со учество на четири тимови од училишта во Охрид и во Струга, утре во Охрид ќе се одржи Средношколски натпревар под мотото „Претприемач – да се биде или не!“, како завршна активност од истоимениот проект, кој се реализираше од мај до септември годинава.

Целта на проектот е да се подобри квалитетот на претприемничкото учење во средните стручни училишта во Охрид и во Струга, преку обуки за наставниците и за учениците и соработка со бизнис-заедницата.

Пред секој тим ќе биде поставен предизвик од реалниот бизнис-сектор и задача да го трансформираат бизнисот од класичен во одговорен бизнис и на тој начин да го решат предизвикот. Изборот на најдобар предлог ќе го направи комисија составена од локални претприемачи.

Претходните активности вклучуваа организирање посети на пет локални успешни фирми, при што учениците сретнаа различни бизниси и директно разговараа со сопствениците. Покрај тоа, беше организиран и тридневен летен камп во Охрид, на кој учествуваа 40 млади од цела Македонија.

Средношколците првпат ја идентификуваа разликата помеѓу барање работа и создавање бизнис, кои се неопходни вештини за еден претприемач и која им е перспективата зависно од тоа кој пат ќе го одберат.

Проектот е реализиран од Локалата агенција за развој од Струга во соработка со Средното стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Охрид и струшкото Средно училиште „Нико Нестор“.