Извор: НаТочак

Автоцентричен, без соодветен број на пристапи за пешаци и велосипедисти. Ваков е ставот на граѓанската иницијатива „НаТочак“ во однос на планот за изградба на кули спроти хотелот „Холидеј Ин“ во центарот на Скопје.

Од иницијативата велат дека планот за оваа локација мора да се стопира и да се преработи. Во спротивно ќе се поткопаат декларативните заложби за „зелен“ град, „велосипедски“ град, „град за луѓе“, „отпорно Скопје“, „Скопје со квалитетен јавен простор“, и тоа баш на најцентралната и најрепрезентативна локација каде можеше навистина овие заложби да добијат свој идеален приказ, велат од „НаТочак“.

Од иницијативата посочуваат дека има голем проблем во самиот концепт на планот, односно поставувањето на регулациските линии кои го разграничуваат јавниот од приватниот простор.

„Додека во моментов во Новo Маало – колоквијално познато како „маалото и паркингот спроти Холидеј Ин“ има многу јавни улици кои попречно ја сечат оваа четврт, во планот, и во реалноста во иднина, доколку планот не се стопира, ќе има само една јавна слепа улица како крак од улицата „Мирче Ацев“, што е погрешно од многу аспекти. Нема ниту пешачки јавни патеки низ целиот комплекс. Ќе се добие непробивна, приватна и небезбедна зона во самото срце на Скопје“, предупредуваат од „НаТочак“

Иако со актуелниот ДУП е создаден голем плоштад со површина од околу 8.000 метри квадратни, тој јавен простор не е воопшто поврзан со околината.

„Додека плоштад „Македонија“ има 10 активни јавни пешачки пристапи и еден блокиран, овој нов плоштад е испланиран само со еден јавен пристап, кој е истовремено и за пешаци и за автомобили кои се доведуваат околу самиот плоштад. Зошто се пропушта шансата кога веќе се планира голем плоштад, да се добие нов белег на Скопје со добро урбанистичко решение? Туку се форсира едно целосно небезбедно, недемократско и автоцентрично решение“, се наведува во соопштението од „НаТочак“.

Од иницијативата велат дека им испратиле допис пред 11 дена на градоначалниците и на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, при што го очекуваат одговорот од нивна страна.

„Постоечкото решение од ДУП-от прави слободното, граѓанско, неконтролирано, некомерцијално пешачко движење (24/7) во јавен простор да се остварува дури на 350 метри растојание, практично пешаците се водат по патеки околу блокот, не низ блокот што е недозволиво за центар на град. Стручните препораки за пешачки движења велат дека препорачано растојание за пешачка мрежа е максимум 120 метри, со стремење кон 60 метри и помалку. Во спротивно, се демотивира пешачењето и се поттикнува поголемо користење автомобил“, посочуваат од оваа граѓанска иницијатива.