НаТочак од кандидатите за локална власт во Скопје бараат град кој е пријателски за пешачење и за возење велосипед

Фото: Бојан Блажевски

Иницијативата на НаТочак побара од кандидатите на локалните избори во Скопје и скопските општини, во своите програми да предложат конкретни мерки за одржлив и безбеден сообраќај и да се заложат за град кој е пријателски за пешачење и за возење велосипед.

„Промените кои се случуваат во главниот град се со многу споро темпо, во некои општини комплетно изостануваат, а со секоја позитивна промена честопати се случува и назадување на друго поле. Поради тоа, НаТочак смета дека идната локална власт треба да заземе посериозен пристап со фокус на 10 конкретни точки кои ги наведуваат, а кои се однесуваат на ослободување на тротоарите и јавниот простор, непрекината и достапна велосипедска мрежа, нула жртви во сообраќај и „зона 30“ на територија на целиот град каде нема издвоени велосипедски патеки, практични и безбедни паркинзи за велосипеди, стандардизирање на планирањето и проектирањето на велосипедската инфраструктура, денови без автомобили, посеопфатно и поразновидно субвенционирање на велосипеди како и систем за изнајмување, целосно искористување на потенцијалот на кејот на Вардар како велосипедска магистрала, промена на сообраќајниот систем на Скопје,“ се вели во соопштението.

НаТочак најави дека овие десет точки ќе ги испрати до сите кандидати на локалните избори за Град Скопје и скопските општини веднаш штом ДИК официјално ги објави официјалните учесници, но, исто така, ќе направи и евалуација на понудените програми на сите политички партии и независни кандидати, согласно точките од листата.

Иницијативата веќе девет години наназад се бави со анализа и мерки на унапредување на велосипедскиот сообраќај во главниот град, но и на безбедноста, одржлив развој, урбанизам, градови за луѓе и сродни области. Предложените мерки се во насока на креирање на диверзитет на транспортните опции, но и редица други придобивки од здравствена, урбана и еколошка природа.

Повеќе за десетте предложени мерки може да прочитате на овој линк.