„НаТочак“ бара: Ако нема вело-патека, брзината на возилата да се ограничи на 30 км на час

Фото: Архива на Мета.мк

Граѓанската иницијатива „НаТочак“ во пресрет на одржувањето на локалните избори ги потсетува кандидатите за градоначалници низ земјава на нивното барање за воведување на „Зона 30“. Оваа мерка би значела ограничување на брзината на движење на возилата на 30 километри на час на сите улици каде што нема велосипедски и пешачки патеки.

Од „НаТочак“ реагираат дека безбедноста на сите учесници треба да биде приоритет во креирањето на идните сообраќајни политики и бараат од кандидатите да понудат конкретни мерки со кои ќе дејствуваат директно кон решавање на ова прашање.

„Решавањето на сообраќајниот хаос не се однесува само на ослободување на закрчувањата на коловозните ленти, туку треба да биде во насока на фер третман на сите учесници. Сообраќајните решенија треба да имаат цел да овозможат слободно движење на СИТЕ учесници, да понудат максимална безбедност и да се стремат кон нула жртви во сообраќајот на годишно ниво“, велат од „НаТочак“.

Од оваа иницијатива повеќепати досега алармираа за преголемата дозволена брзина на улиците во Скопје и на несоодветното дизајнирање на улиците, кое е во насока на обезбедување брз проток на моторен собраќај и честопати ги става во подредена положба пешаците и велосипедистите, заканувајќи се по нивната безбедност.

„За жал, досега ниту една институција, а и ниту една политичка партија во своите програми не пројавила интерес за подобрување и решавање на овој проблем, иако во многу други земји постојат проверени и докажано успешни примери на мерки кои можат да се пресликаат и во Скопје“, објаснуваат од „НаТочак“.

Тие ги доведуваат под знак прашање досегашните проекти на градоначалниците за изведба на улици и булевари со широчина на ленти од 3,5 метри, која одговара само на аспектот брзина на возилата од над 90 км/час, но не и на безбедност во сообраќајот.

Од „НаТочак“ потсетуваат дека воведувањето на „Зона 30“ ќе ги намали шансите за судир и ќе ги зголеми шансите за преживување при евентуален удар, а како активности во насока на оневозможување на дивеењето по улиците, тие предлагаат да се изведат подигнати пешачки премини, лежечки полицајци, мини кружни текови, како и намалување на широчината на коловозните ленти до максимум 3 метри.