Фото: НАТО | nato.int

Постојана размена на информации и искуства, помош и поддршка, но и можност за координиран одговор од НАТО сојузниците на сајбер напад предвидува Меморандумот за разбирање за сајбер одбрана што го потпишале министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска и помошникот на генералниот секретар на Алијансата Давид ван Веел, претседавач на Одборот за управување со сајбер-одбраната. НАТО има такви договори со сите сојузници, а целта е да се интензивира соработката и размената на информации, знаења и најдобри практики во справување со сајбер-заканите, да се спречат сајбер инциденти и да се зајакне отпорноста на сајбер закани.

Македонските институции важат за релативно ранливи на сајбер напади, за што имаше и укажувања од Пентагон.

„Сајбер одбраната е приоритет за НАТО и сојузниците. Зајакнување на отпорноста од сајбер заканите кои се во развој е од критично значење, и меморандумот што го потпишавме со Северна Македонија е важен чекор“, изјавил ван Веел.

Министерката Шекеринска нагласила дека меморандумот е „сериозен придонес во јакнење на нашите национални капацитети за справување со сајбер напади, како и отпорноста на Алијансата“.

„Северна Македонија и НАТО го зајакнуваат одговорот на сајбер нападите! СО помошникот генерален секретар на НАТО Дејвид ван Вел потпишавме Меморандум за соработка кој овозможува координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напад“, објави Шекеринска.