Извор: Министерство за одбрана

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска ги охрабрила македонските ИТ компании да се пријавуваат на НАТО тендери, на денешната онлајн презентација на Агенцијата на НАТО за комуникации и информации (НЦИ). Оваа агенција, која денес ја претставувал генералниот директор Кевин Шеид, е задолжена за набавка на информатички производи и услуги и напредни технологии.

– Ја отворивме вратата кон НАТО а сега ја отвораме и вратата на пазарот во НАТО. Агенцијата за информации и комуникации при НАТО денес пред неколку наши компании и експерти по информатички технологии ги презентираше можностите за учество на тендери за стручна поддршка на деловните процеси на Алијансата, во делот на комуникациски и информатички системи, сајбер одбрана, платформи, или вкупно околу 150 сервиси – објави денеска Шекеринска.

Министерката за одбрана во септември лани најави формирање на Центар за поддршка на домашните компании при настап на НАТО тендери.

– Целта ќе ни биде во првата година да обезбедиме целосна комуникација меѓу нашите компании, комори и релевантните НАТО агенции. Годишниот износ на овој пазар е околу 4 милијарди долари и навистина ќе биде голем успех ако нашите компании добијат пристап до тој пазар – најави тогаш министерката.

Агенцијата за комуникации и информации е задолжена за набавка на напредни технологии, вклучувајќи ја и одбраната од балистички проектили и сајбер одбраната. Во набавките можат да учествуваат само компании кои добиле Декларација за подобност, која се добива од националниот претставник во НАТО, а гарантира дека фирмата ги исполнува неопходните финансиски, технички и професионални квалификации за да учествува во набавките на Алијансата.