Седумдесет наставници од источниот регион поднеле приговори до училишните одбори заради казните од екстерното тестирање. Најмногу ги има во Штип. Во основното училиште „Ванчо Прќе“, од 34 приговори, прифатени се тие на 32 наставници, информира претседателот на регионалниот синдикат Марјан Костадиновски, пренесе телевизија „Ирис“.

За останатите училишта се чека изјаснување од училишните одбори. Во регионалниот центар на синдикатот за Кочани и за Виница вакви приговори има седум, а исто толкав е и бројот за регионалниот центар во Делчево, кој ги опфаќа Берово, Пехчево и Македонска Каменица. Првиот синдикалец во образованието, Јаким Неделков, вели дека постапките за приговорите се во тек, но и пополнувањето на тужбите кои ќе бидат поднесени до основните судови.

Синдикатот ја обезбедува правната помош на наставникот кој е казнет на екстерното или интерното тестирање. Неделков вели дека наставниците се казнуваат во согласност со новите измени на Законот за основно и средно образование, но ова се коси со Законот за работни односи во кој се вели дека еден работник не може да биде казнет повеќе од шест месеци, а во овој случај наставниците ќе земаат помала плата една година.

Неделков вели дека во тек се контактите и преговорите со Министерството за образование, од кои очекува позитивен исход, а за исполнување на барањата и за решенијата имаат помалку од два месеца.