Во училиштата нема доволно дидактички материјали и дидактички ресурси за реализирање на наставата на сите наставни јазици (во тој опфат спаѓаат и асистивни технологии за ученици со посебни образовни потреби). Специјализираните кабинети по одредени предмети не се целосно снабдени со наставни помагала. Во училиштата, во пракса, во наставниот процес, недоволно се применуваат современи наставни методи и техники. Сè уште не постои електронска образовна платформа за учење.
Ова се само некои од неправилностите што ги констатирале државните просветни инспектори, а кои се наведени во нивниот полугодишен извештај за работата на Инспекторатот за минатата година.
Во извештајот е нотирано дека значителен дел од работното време наставниците и стручните соработници го поминуваат во административни активности за училиштето, не поврзани со нивниот профил.
„Во детските градинки има голем број деца во воспитните групи. Социјалното партнерство во областа на образованието не задоволува. Во пракса, социјалните партнери не се соодветно вклучени во процесот на донесување одлуки во образовната политика. Специјализираните кабинети по одредени предмети не се целосно снабдени со наставни помагала. Во училиштата, во пракса, во наставниот процес, недоволно се применуваат современи наставни методи и техники“, пишува во извештајот.
Исто така, инспекторите утврдиле дека постои неусогласеност на постојните закони со кои се регулираат различни аспекти и нивоа на образовниот систем.
„Има и несовпаѓање меѓу одредбите на различни закони кои што меѓусебно се поврзани или регулираат исти прашања. Постои недоволно совладување на програмата за ран детски развој на децата во градинките. Наставните програми не се доволно релевантни за локалната средина. Во повеќето училишта недоволно или несоодветно се предава граѓанско образование, образование за животни вештини (ОЖВ), а претприемачките вештини се на ниско ниво и кај учениците и кај наставниците“, нотирано е во извештајот.
Во периодот од јануари до јуни 2024 година, ДПИ спровел 2.393 инспекциски надзори од кои 1.855 редовни, 386 вонредни и 152 контролни инспекциски надзори.
„ДПИ констатираше 223 неправилности и изрече 74 укажувањa во записниците од спроведените надзори. Издаде 85 решенија, спроведе 23 едукации, издаде 21 платни налози (порамнувања) и поднесе 19 прекршочни и една кривична пријава“, наведено е во извештајот.