Наставниците бараат повисоки плати или ќе ја бојкотираат наставата од септември

Фото: Max Fischer from Pexels

Наставничкиот пленум се заканува дека ќе го бојкотираат почетокот на новата учебна година во основното и средното образование, доколку не им се зголемат платите на наставниците. Тие со писма се обратија до министерката за образование и наука Мила Царовска, како и до двата синдикати – Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Независниот синдикат за образование и наука (НСОН).

Од Наставничкиот пленум велат дека се незадоволни од висината на основната плата на наставниците, при што од министерката бараат максимално да се заложи во Владата и да им излезат во пресрет на сите вработени во образованието, со тоа што ќе биде обезбедено покачување на платите во новата учебна година.

Воедно, во писмото до двата синдикати се наведува дека Наставничкиот пленум е загрижен поради лошата финансиска состојба на вработените во основното и средното образование. Поради ова, тие планираат да ја бојкотираат настават доколку Владата и Министерството за образование и наука не изнајдат решение за зголемување на платите на наставниците.

„Бараме од синдикатите да го подржат бојкотот на наставата кој го планираме од септември 2021. Сметаме дека синдикатите имаат најголема одговорност да ги штитат и унапредуваат правата на вработените“, велат од Наставничкиот пленум.