fbpx

Наставата почна, штрајкувачите во малцинство

-

Денеска почна второто полугодие за околу 280.000 основци и средношколци по тринеделниот зимски распуст. СОНК најави штрајк поради неуспешните преговори со Министерството за образование и наука. Штрајкот требаше да биде со присуство на работните места, но без извршување на работните задачи.

Од обиколката што ја направивме во скопските училишта и градинки и според она што го јавија нашите дописници, генералната слика е дека во поголем дел установи наставата почна нормално, а во помал број, дел од наставниот кадар, сепак, го спроведува штрајкот.

Од основното училиште „Војдан Чернодрински“ рекоа дека наставата се одвива нормално и дека наставниците не штрајкуваат. На влезната врата не можеше да се забележи известувањето од СОНК дека од денеска се одржува генерален штрајк.

– Во нашето училиште сите ученици имаат редовна настава и сите наставници се присутни и држат часови. Никој од наставниците во ова училиште не штрајкува и наставата си тече нормално, како и сите денови – вели Христина Ристевска, директорка на „Војдан Чернодрински“.

Во детската градинка „Кочо Рацин“, вработените рекоа дека ниедно дете не вратиле утринава и дека сите се згрижени како и сите други денови. Претседателката на СОНК во таа градинка не сакаше да дава изјава и рече дека според хиерархијата на СОНК, изјави дава само претседателот. На двете влезни врати стоеше известувањето од СОНК за штрајк на просветните работници.

Во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ не сакаа да даваат изјави за медиуми, а и таму, на влезните врати, беше закачено известувањето за генерален штрајк.
– Не сакаме да коментираме ништо. Ситуацијата е деликатна и медиумите не известуваат независно. Досега сме имале добра соработка со сите медиуми, ама за ова не сакаме да даваме изјави – рекоа од канцеларијата на секретарот на училиштето. Оттаму само кратко додадоа дека ниту едно дете изутрината не е вратено дома.

Во гимназијата „Јосип Броз Тито“ ни рекоа дека штрајк нема и дека сите ученици имаат редовна настава. Во оваа устанува немаше знак дека СОНК одржува генерален штрајк.
– Сите ученици имаат настава. Сите професори се присутни и држат предавања. Само претседателката на СОНК штрајкува, но таа е втора смена и не знам дали ќе дојде на работа и дали ќе држи часови. Моментално настава имаат учениците од трета и од четврта година и наставата за нив редовно се одржува – рече професорка од „Јосип Броз Тито“.

Во основното училиште „Гоце Делчев“, дел од наставниците штрајкуваат, а дел држат редовна настава. Ученици од седмо одделение ни рекоа дека утрово имале само два часа и потоа им рекле да си одат дома. На влезната врата во училиштето стои известувањето од СОНК.
– Дојдовме сабајле на школо и имавме два часа. Потоа чекавме еден час без никој ништо да ни каже. На наредниот час дојдоа други наставници, не тие што требаше да ни предаваат, ни рекоа дека нема да имаме веќе часови и да си одиме дома без да ни кажат зошто. И утре ќе дојдеме редовно на настава, но не знаеме дали ќе имаме часови – вели ученичка од седмо одделение.

Во училиштето, уште на влезот, нè пречека обезбедувачот, кој ни кажа дека има наредба да не пушта никого од медиумите кај директорот или во училиштето. Не сакаа да коментираат дали се одржува редовна настава и дали сите наставници држат часови.

Во градинката „13 Ноември“ велат дека сите деца се згрижени и дека во ниеден од четирите објекти во нивна сопственот во Скопје нема штрајк. И во оваа градинка не стои знакот дека од денеска просветните работници имаат генерален штрајк.
– Во нашата установа не се одржува штрајк и градинката нормално фукнционира. Згрижени се децата како и секогаш. Сите објкети на градинката „13 Номеври“ функционираат нормално, нема штрајк и децата се уредно згрижени. Сите вработени се присутни, ниеден нема на штрајк и немаме отсутни – рече секретарката на градинката, Весела Бутлеска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Вечерва ќе се одржи промоција на винил компилацијата „Поп култура“ во едукативниот културен центар „Лабораториум“, во рамките на платформата „Силата ЕУ Младите“. Изданието содржи песни од млади современи македонски поп...