Наскоро конкурс за стипендии за студенти Роми и конкурс за втор и трет циклус на студии

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Конкурсот за стипендии за студенти Роми ќе биде објавен во наредните неколку денови, а подоцна и конкурсите за стипендии за студенти на втор и трет циклус на студии, информираа од Министерството за образование и наука (МОН) за Мета.мк. Оттаму велат дека стипендиите за постдипломски и магистерски студии се предвидени во Програмата за научно- истражувачката дејност за 2022 година и дека дополнително ќе информираат кога точна ќе бидат објавени конкурсите.

Во меѓувреме, во тек е конкурсот за стипендии за студенти на прв циклус на јавните и приватните високообразовни установи во земјата. Во конкурсот се предвидени четири групи на стипендии, а воведени се и неколку нови категории. Крајниот рок за аплицирање е 5 декември.

Минатата година конкурсот за студенти Роми запишани на прв циклус на јавните и приватните високообразовни установи во земјата беше обајвен паралелно со конкурсот за студентски стипендии од социјалната и од останатите категории. Висината на стипендијата за студентите Роми изнесува 5.000 денари месечно и се исплаќа за девет месеци во текот на една студиска година.

Од минатата година државата ги врати стипендиите за студентите од втор циклус на студии и за првпат воведе стипендии за трет циклус на студии.

Стипендиите за постдипломски студии изнесуваат 9.000 денари за девет месеци во текот на академската година, а за нив можеа да конкурираат студенти запишани на академски студии од втор циклус од научното подрачје на природно-математичките или техничко-технолошките науки. Стипендиите за докторски студии, пак, изнесуваат 18.000 денари за дванаесет месеци во текот на академската година.

Објавен е конкурсот за студентски стипендии