Во Македонија наскоро се очекува да профункционира Гарантниот фонд, којшто на микро, мали и средни претпријатија, како и на големи трговци чии приходи по основ на извоз учествуваат со најмалку 30 отсто во вкупните остварени приходи, ќе им овозможи гаранции за кредити до 500.000 евра, информираат од Министерството за финансии.
Договорот помеѓу Владата и Развојната банка за издавање на гаранции преку Гарантниот фонд веќе е потпишан, а наскоро се очекува и потпишување на договорите помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки и штедилници, пишува во новото издание на билтенот на Македонската банкарска асоцијација (МБА), министерот за финансии Фатмир Бесими.
Бесими вели дека од Гарантниот фонд ќе се издаваат гаранции за новоодобрени кредити од банки и штедилници кои ќе им бидат од полза на микро, малите и средни претпријатија и на големите трговци кои вршат извоз, за непречено финансирање на тековните активности, како и на издржани бизнис проекти за купување на основни средства.
„Наскоро се очекува и потпишување на договорите помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки и штедилници кои ќе пројават интерес за овој инструмент. Со обезбедувањето на гаранциите, сметаме дека ќе се охрабрат банките и штедилниците да ја зголемат понудата на поволни кредити за компаниите, а истовремено ќе се намали ризикот на нивниот пласман“, наведува Бесими.
Со гаранциите ќе се гарантира за главницата на новоодобрени кредити за обртни и основни средства дадени од банки и штедилници кон приватниот сектор. За да станат дел од гарантната шема, банките и штедилниците, треба да имаат адекватност на капиталот од минимум 12 отсто, позитивен финансиски резултат во последната година и кредитно портфолио кое најмалку 70 отсто е класифицирано во А и Б категорија.
„За портфолио гаранциите, кои се наменети за микро, мали и средни трговски друштва, ќе се гарантираат кредити од 300.000 до 30.750.000 денари, со рок на отплата од една до 8 години со вклучен грејс период до 1 година за основни средства, и со рок на отплата од една до 3 години со вклучен грејс период до 1 година за обртни средства. Износот на гаранциите кај портфолио гаранциите е предвидено да биде до 80 отсто од кредитите за обртни средства и до 50 отсто од кредитите за основни средства. За индивидуалните гаранции кои се однесуваат на големи трговци чии приходи по основ на извоз учествуваат најмалку 30 отсто во вкупните остварени приходи, ќе се гарантираат кредити од 3.075.000 до 30.000.000 денари, при што износот на гаранцијата може да биде максимум до 50 отсто од главницата на кредитот“, вели Бесими.
Преку имплементирање на гарантната кредитна шема, како што посочува министерот, ќе се зголеми пласманот на кредити на банките и штедилниците, со што фирмите ќе имаат олеснет пристап до капитал, а со тоа ќе расте и инвестициската и економска активност.