Наша препорака за добра игра на мобилен: „Angel Legion“

Angel Legion / скриншот од трејлер на Steam

Играта „Angel Legion“ е бесплатна игра што може да се симне и на мобилен телефон од продавницата на Гугл – „Плеј Стор“, како и на персонален компјутер преку Steam. Иако е бесплатна, видео-играта може да се игра и со плаќање, но е од оној тип на „free to play“ игри во кои можете да напредувате и без воопшто да трошите пари и да ве држи активни во играта подолго време.

 

Класифицирана е како „3D Hero Idle RPG“ со „turn based combat“. Играте со различни хероини од кои бирате шест лика во својот тим. Играта е интересна бидејќи промовира женска моќ во аниме стил, а околните сајберпанк анимации што ги дава во различните менија се одлично сработени.

Играта „Angel Legion“ изобилува со различни опции, додатоци и финеси. На пример, за секој играч, главниот лик во играта што мора да е дел од секој тим „Мysterious Girl“ може да користи три вида на оружја – коса за косење непријатели, автоматска пушка или катана – во зависност од оружјето кое го користите, им додавате бонуси на другите ликови во тимот со ист тип на оружје.

За разлика од повеќето вакви игри, овде опциите за козметика, односно чисто козметички сетови што целосно го менуваат изгледот на која било од ликовите, можат да се добијат низ самото играње и не се стриктно ограничени да се земаат само со плаќање како што, на пример, е случајот на „Diablo Immortal“. 

Комбатот односно битките се забавни и не траат ниту прекратко ниту предолго, а како и повеќето игри на мобилен, има и опција за “аутоплеј” на борбите за да не мора да го кликате секој индивидуален скил, но секако е позабавно кога сами си ги правите изборите во игра на тактики и способности.

Хероините се надградуваат со време – добивате гени од различни хероини кои може да ги жртвувате за да ги надградите оние кои најмногу одговараат на вашиот начин на играње или најдобрите што ви се паднале. Најдобрите хероини имаат ознака со буква “S” а дури има и надградување на „двојно S“, но само за одредени ликови. Исто така, понатаму во играта можете да повикате и богови кои имаат специјални скилови што се полнат како што повеќе се борите и удирате и кои пуштаат различни “ulti” магии или способности. Во играта, исто така, има и три вида на роботчиња-дронови наречени „UAV“, од кои едното ви дава штит за еден лик од еднаш, другото ви качува „демиџ“ со оружја за од блиску на сметка на „здравјето“, додека третото фунционира за лечење на вашите повредени херои. Постојат и херои-исцелители што имаат способност да го лечат целиот тим и без кои е невозможно да се победат потешките главни непријатели. 

Опциите кои ги нуди оваа игра се многубројни и има повеќе модови на различни типови на PvE и PvP. Во арената може да се борите со други играчи, а ако сте во гилда можете заедно со пријателите да војувате со други гилди и од други сервери.

Исто така, има и секојдневни активности што можете да ги правите, како во случајот на „Sims“ игрите.

Во секој случај, се надеваме дека оваа игра, во мноштвото на различни сеопфатни игри на мобилен, ќе ви биде “позитивно откритие” на добра игра која може да ве држи подолго време и да ви понуди релаксирана забава во слободното време. Дури и на Steam, играта има 3.801 преглед кои се со статус „многу позитивно“, што е реткост за повеќето понови игри, особено за игри што функционираат и за мобилни телефони.