Наш предлог: Најдобрите и најигриви платформски видео игри

Скриншот од играта Ori and the Blind Forest

Ќе разгледаме неколку платформски видео игри кои би можеле да го задржат вашето внимание. Тие се одвојуваат како најдобри во жанрот, а повеќето се релативно понови игри. Но, тоа не е најбитно кај платформските видео игри бидејќи и најстарите платформски игри се играат и ден денес како на пример Супер Марио игрите што се вон конкуренција. Ќе се фокусираме на најдобрите и најигриви наслови со надеж дека ќе ве заинтересираат. 

1. Ори и Слепата Шума ( Ori and the Blind Forest) 

Оваа игра е естетски најдобро сработена со специфичен уметнички стил што многу потсетува на аниме цртаните филмови на Studio Ghibli од кои најпознати се Princess Mononoke  и Spirited Away. Благопријатната музика во играта и самата атмосфера заедно ќе ви даде чувство на емотивно соживување со ликовите. Авантурата во играта обзема со една од главните теми што се подвлекува во подконтекст, а тоа е екологијата. Неслучајно фантазиското дејството е во шума со шумски духови и добронамерни суштества од митови. Играта е добра за развивање на еколошка свест.

Секако самото играње на играта е забавно и воодушевувачко. Истражувате секакви предели и решавате загатки со скокање и борење со енергетски бранови.

Продолжението на оваа игра насловено Ори и Волјата на Висповите (Ori and the Will of the Wisps) е со уште по-епска уметност но и многу повеќе набиена акција од првиот дел од играта. Ова искуство е досега невидено во платформските игри и целокупно нуди многу забава.

2. Белегот на Нинџата (Mark of the Ninja Remastered)

Продолжуваме во јапонски стил, но овој пат во игра за повозрасна публика поради насилството. Белегот на Нинџата (Mark of the Ninja Remastered) е една од најдобрите платформски игри на тема нинџи во последно време. Вреди овде да се споменат Shinobi игрите како постулат за игри со нинџи иако се од многу „поранешна ера” на платформски игри. Овојпат станува збор за една од најдобрите стелт игри, каде со доволно вештина би можеле да се криете на различни места и да ги „онеспособите” непријателите на крајно брутален начин со или без употреба на вашиот меч.

Дали ќе се скриете во ходници, големи кутии или пак ќе се прикрадете со искачување, изборот е ваш. Можете и да фрлате предмети што ќе го одвлечат вниманието на стражари или ќе пренасочат кучиња што ви ја фатиле миризбата. 

Има многу иновативни начини на ослободување од противници и самите анимации се супер сработени, а во Ремастер верзијата изгледаат уште подобро. Играта е главно мрачна но се разликуваат контурите доволно за сè што треба да биде видливо. 

Што се однесува до приказната нинџата во приказната има посебни тетоважи што му ја даваат моќта но исто така можат и да го полудат. Му помагна девојка која исто така е нинџа и самите анимации со приказна потсетуваат многу на анимираните филмови со Бетмен (Batman The Animated Series) по самиот стил како се изработени. Играта не е едноставна и треба да се учат механиките и да се обрне особено внимание на туторијалите затоа што бара стрпливост, тајминг и рефлекси. Ако барате стелт игра што би ви преставувала предизвик, оваа игра е вистинскиот избор.  

3. Тројство (Trine) 

Во играта Trine играте 3 лика одеднаш што ги менувате на копчињата 1,2,3. Застапените ликови се девојка – Крадец, Витез и Волшебник. На самиот почеток од играта тројцата допираат предмет што е извор на моќ и се заглавени откако ќе го допрат. Според приказната тоа е предмет на моќ што здружува души кој бил користен претходно од голем херој но овојпат ги здружува душите на трите ликови.

Можете да контролирате еден лик во даден момент, а достапни ви се сите три. Ликовите ги менувате за различни ситуации и решавање на загатки, кои се најчесто наградени со напитоци за искуство. На пример девојката-крадец има лак и стрели и може да се бори од далеку или со стрела со јаже да се закачува за висечки предмети или високи рабови. Витезот највеќе служи за битка, а може и да блокира стрели и удари со својот штит. Волшебникот може да мрда предмети со умот и преку телекинеза може да бутка и да движи предмети.

Во играта има и наратор што раскажува, интересно е што за Волшебникот вели дека не се разбира многу од магија, не можел да ја совлада тајната на наједноставната магија за фрлање огнена топка (fireball) но бил мераклија по женски. Ова е референца за Волшебникот Ринсвинд од серијалот романи Дисксвет од Тери Прачет, бидејки и ликот на Ринсвинд таму е волшебник што не знае да прави магии. Исто така волшебникот поставува и кутии, рампи и е најдобар за решавање на загатки со интересна физика, но сепак се користат сите три лика. Играта има и multiplayer co-op каде може истовремено да играат тројца луѓе и многу потсетува на старата платформска игра од Близард(Blizzard) наречена „Изгубените Викинзи“ (The Lost Vikings). Графиката на играта Trine е одлична и загатките и позадината се супер сработени и самата игра има неколку продолженија.