Насер Зибери: Во затворот „Идризово“ 1.200 затвореници ги лечи само еден општ лекар и две медицински сестри

Во најголемиот затвор „Идризово“ со повеќе од 1.200 затвореници да има само еден општ лекар, две медицински сестри и психијатар ангажиран по потреба. Во кумановскиот затвор сè уште не се нуди метадонска терапија, иако и овде на издржување затворски казни се праќаат и наркозависници

-

Состојбата на една земја најдобро може да се види врз основа на тоа какви повреди на правата регистрира официјалниот бранител. Ова го вели народниот правобранител на Северна Македонија, Насер Зибери, во интервју за Порталб.мк. Зибери во интервјуто зборува за повредите на правата во сите области, меѓу кои и правата на затворениците, кои според него, немаат соодветна здравствена грижа, не поминуваат низ процес на ресоцијализација, ниту пак, им се дава можност за завршување на образованието.

Можете ли да ни кажете кои се најчестите повреди на човековите слободи и права кои сте ги забележале во текот на 2024 година?

Во затворите има влошување на состојбата и во психијатриските болници каде се сместени лица кои издржуваат затворска казна. Во другите области состојбата е иста како и претходната година, така што нема намалување на бројот на поднесоци, бројките се слични на претходните години, но има зголемување во некои области кои би сакал да ги истакнам тука. Но, со оглед на тоа што 2024 година беше изборна, имавме двојни избори, претседателски и парламентарни, а сите знаеме дека во една изборна година сите работи некако заглавуваат за неколку месеци, а со тоа и граѓаните се соочија со одложувања во остварувањето на нивните права пред органите на јавната администрација, било на централно или локално ниво. Не е ништо ново, а и вие медиумите постојано известувавте за оваа состојба, дека во изминатата 2024 година на прво место по бројот на поднесени претставки, по долги години, беа оние од областа на граѓанскиот статус, пред се во областа на издавање на лични документи. Во бројки тоа изнесува 400 поднесени претставки, од кои половина или 200 се однесуваат токму на овој проблем. Бројката можеби изгледа мала, но ако се претвори во процент, тогаш имаме фантастичен пораст од над 200 проценти. Голем е и бројот на претставки од областа на правото, но морам да нагласам дека минатата година, за прв пат по многу години, овие поднесоци, како што кажав погоре, не беа на прво место по бројот на поденесени претставки. Овде мислам на претставките поднесени за работата на извршителите, за што верувам дека е како резултат на исполнувањето на нашето барање за законски измени во делот на наплата на каматата за задоцнето плаќање, што со години им создаваше проблеми на граѓаните во извршните постапки, а поради кои тие едноставно станале должнички робови. Третото нешто што би го истакнал за 2024 година е зголемувањето на бројот на претставки од областа на животната средина, нешто што ме охрабрува како Народен правобранител и ме мотивира да во 2025 година работам со позабрзано темпо на ова поле, бидејќи нема ништо поважно од тоа да се живее во здрава животна средина. Кога станува збор за оваа област, сакам да нагласам дека бројот на овие претставки кај нас со години е едноцифрен, или може да се каже занемарлив. За крај, кога сме кај оваа тема, карактеристично за 2024 година би го истакнал и зголемувањето на бројот на претставки по кои постапува механизмот за цивилна контрола, а се однесуваат на работата на полицијата и затворската полиција.

Меѓу главните теми во 2024 година беше корупцијата. Имавме функционери и судии кои станаа дел од американската црна листа. Како ја оценувате слабата борба против корупцијата во судството?

Од позицијата на Народен правобранител можам да ги изнесам проблемите на кои граѓаните се жалат кога се работи за судството. Па така, најголемиот број на претставките се однесуваат на (не)почитувањето на принципот на судење во разумен – законски рок или на фактот дека судските постапки се одолговлекуваат, без разлика за кој суд и на кое ниво се работи, и ова навистина е проблем. Еве, на пример работните спорови, кои се сметаат за итни и кои мора да се решат во најкраток можен рок, затоа што во овој случај најчесто се работи за сигурување на егзистенцијата, но во реалноста тоа не оди така. Да не зборуваме за управниот суд каде што споровите траат со години, а некои и со децении, како што се процедурите за денационализација. Што се однесува на прашањето за справувањето со корупцијата, мислам дека ние ќе имаме резултати само со добра правна основа и со силна волја на инволвираните во тој процес. За овој процес не е потребна политика и политичка интервенција, туку добро обучени кадри/истражители кои ќе се водат според законите и ќе знаат како да ги применуваат истите во пракса. Потребно е професионално судство и без влијание, а задачата на политиката е да подготви добри правни кадри.

Лани „го испративме“ во минатото инструментот со кој се балансираа вработувањата во државната администрација. Како ја оценувате оваа постапка на Уставниот суд и на каков начин сега ќе прибирате податоци за етничката застапеност во државните институции, кога во пракса е забрането изјаснувањето на етничката припадност при вработување?

Правичната и соодветна застапеност на граѓаните припадници на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа е темелна вредност на уставниот поредок предвиден со Амандманот IV од Уставот, а Народниот правобранител е државен орган кој, во согласно со амандманот XI од Уставот, посебно внимание посветува на заштитата на начелата на недискриминација и правична и соодветна застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт, институциите и другите јавни служби и единици на локалната самоуправа. Односно, обврска на Народниот правобранител е да го следи спроведувањето на ова начело и секако да дава препораки за негово спроведување. Затоа, јас како Народен правобранител, покрај објавувањето на Годишниот извештај за спроведувањето на ова начело, честопати ги анализирам податоците, давам коментари и критикувам органи кои не се придржуваат или поточно не ги спроведуваат овие уставни начела. Ве уверувам дека, се додека јас сум на чело на оваа институција, така ќе биде и понатака. Што се однесува до забелешките во однос на имплементацијата на балансерот, точно е дека во последните извештаи сум истакнал дека во пракса имало неправилности во неговото спроведување кога граѓаните од една заедница се претставувале како да се од друга заедница за да добијат право на вработување и затоа побарав од надлежното министерство – Министерството за јавна администрација – да предложи корекции за да се спречат натамошните можни злоупотреби. Но, тоа не значи дека инструментот требало да се укине како средство за практично спроведување на начелото на правична и соодветна застапеност на заедниците во јавниот сектор. Јас бев категорично против укинување на одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор, укинување на одредбите од Законот за административни службеници и укинување на Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно начелото на правична и соодветна застапеност, или во политички жаргон познат како Балансер. Без одредбите од законите што ги наведов и методологијата за планирање на вработувањата, уставната одредба за правична и соодветна застапеност како темелна вредност на нашиот уставен поредок ќе биде само декларативна без практични ефекти и дискриминацијата на етничка основа во постапките за вработување во јавниот сектор ќе биде иста како и пред 2001 година кога застапеноста на Албанците и не само на Албанците, туку и на другите помали заедници како турската, ромската и босанската заедница беше на крајно незадоволително ниво. Всушност, ваквата состојба беше главната причина за измените на член 8 од Уставот со четвртиот амандман, со кој правичната и соодветната застапеност се воспостави како темелна вредност на нашиот уставен поредок, а истата потоа се операционализира и спроведе со усвојување на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници и Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор според начелото на правична и соодветна застапеност. Без постоење на законски и подзаконски норми со кои се спроведува ова уставно начело, не може да има и резултати. Затоа, потребно е што поскоро да биде усвоен најавениот нов закон за правична и соодветна застапеност, кој треба да ја пополни оваа законска празнина, не знам какви ќе бидат одредбите од овој предлог, но ве уверувам дека Народниот правобранител, како орган кој посветува особено внимание на антидискриминацијата и правичната и соодветна застапеност, за својот став ќе ги информира надлежните институции и јавноста. Што се однесува на понатамошното следење на имплементацијата на начелото на правична и соодветна застапеност, Народниот правобранител ќе продолжи да спроведува анкети и истражувања, со оглед на тоа што одлуката на Уставниот суд не се однесува на надлежноста на Народниот правобранител да ги следи состојбите во областа на правичната и соодветната застапеност, бидејќи тоа е уставна надлежност на Народниот правобранител, а Законот за Народен правобранител, каде што е потврдена оваа надлежност, не е оспорен ниту може да се оспорува, а уште помалку да се укине, бидејќи тоа се права загарантирани со Уставот. Прашањето е какви ќе бидат резултатите од идните извештаи доколку во меѓувреме не се донесе новиот закон? Сигурен сум дека во тој случај резултатите ќе бидат уште полоши и Народниот правобранител ќе ги изнесе во јавноста, ќе ги информира надлежните органи и ќе бара со конкретни препораки да се надминат ваквите состојби.

Во оваа насока, дали во Северна Македонија сè уште има државни институции кои немаат вработени Албанци и кои се тие? 

За жал сè уште има органи на централната власт каде што нема ниту еден вработен од албанската заедница, а камоли припадници на други помали заедници како што се Турците, Ромите и другите помали заедници. На пример, нема вработени Албанци, или пак од некоја друга заедница, во Агенцијата за филм, Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права и Дирекцијата за радијациона сигурност, итн. Често ја критикувам и Академијата на науките и уметностите, каде што од 92 вработени во администрацијата, само еден е од албанска националност и нема ниту еден од другите помали заедници. Оваа ситуација навистина и наликува на една институција МАНУ и дава многу негативен пример во сегментот на еднаквоста и антидискриминација. Бројот на вакви институции е уште поголем во однос на вработените на раководни позиции, односно, состојбата е уште полоша кога се зборува за застапеноста во раководни позиции. Вработувањата во раководните структури генерално се недоволни и за илустрација би напоменал дека од вкупниот број вработени во јавниот сектор, од 24,7%, само 18% се во раководни структури, негативна е состојбата и за трите помали заедници: Турците, Ромите и Босанците. Кај македонската, српската и влашката заедница ситуацијата е спротивна, така што од вкупниот број вработени македонците учествуваат со 71,6%, додека пак на раководни позиции учествуваат со 75,9%.

Лани со многу предизвици се соочи и образованието. Можете ли да ни кажете за некои од нив? Дали се уште има ученици Албанци на кои им е ускратено правото да се образоваат на својот мајчин јазик? 

Во последниве години, откако започна интензивно да се спроведува процесот на инклузивно образование, се појавија и најголемите предизвици, од најфундаменталните, како што се пристапноста до образовните институции и нивната адаптација за пристап на лицата со попреченост, па се до обезбедувањето на личните и образовните асистенти кои се незаменливи за вклучување во овој процес. Во Собранието со години се заглавени неколку закони, особено Законот за средно образование кој треба да реши многу проблеми. Голем предизвик е справувањето со сегрегацијата на децата Роми во основните училишта во Штип и Битола, потврдена со пресуда на Европскиот суд за човекови права, но она што загрижува е што оваа појава ја имаме и во Прилеп, што значи дека овој процес наместо да се потиснува, тој се шири. Мислам дека државата и локалната власт се уште треба да работат напорно за да се надмине овој сериозен проблем. Народниот правобранител во Годишниот извештај за степенот на обезбедување, почитување, унапредување и заштита на човековите права за 2023 година констатира повреди на правата на децата во областа на основното и средното образование на децата од албанска националност. Значи, повреда на правото на образование на мајчин јазик – албански јазик. Поточно, станува збор за три основни училишта, две во Скопје, во општина Гази Баба, во селата Брњарци и Идризово, односно ОУ „Његош“ и во општина Чашка, односно ОУ „Тодор Јанев“. Повреда на овие права констатиравме и во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес, каде што констатиравме повреда на правото на децата за средно образование на мајчин јазик. Децата кои сакале да учат на својот мајчин јазик – албанскиот – во местата на живеење, всушност и денес не го реализираат тоа право, туку се префрлаат во други училишта, а не учат во училиштата во нивните места на живеење. Противењето на родителите за отворање на паралелки на албански јазик во овие училишта и непреземањето соодветни мерки не само што го урива концептот на инклузивно образование, туку и го нарушува правото загарантирано со устав и закон за образование на мајчин јазик.

Можете ли да ни кажете малку повеќе за состојбата во затворите во земјава? Со што се соочуваат затворениците, на што најмногу се жалат? 

Условите во казнено-поправните установи и понатаму се на незадоволително ниво, во однос на непочитувањето на минималните стандарди за сместување, предвидени со домашните и меѓународните регулативи. Условите за живеење во институциите се несоодветни од аспект на хигиената (нехигиена и немање соодветни хигиенски средства за одржување, дезинсекција, дезинфекција и нередовна дератизација), во однос на минималниот индивидуален простор за сместување на осудените лица и притворените лица, како резултат на што повторно има пренатрупаност во овие институции. Состојбата е најлоша во три области: недостаток на сместувачки капацитети, најизразена во затворот Идризово, каде што се сместени половина од затворениците во државата и во Затворот во Штип, потоа недоволен број на вработени полицајци, образовен е здравствен кадар, како и санитарно-хигиенските услови. Преземени се активности за реконструкција на установите (на пример, реновирано и пуштено е во употреба петтото крило во затворениот дел на Казнено-поправната установа Идризово), но и покрај извршената реконструкција, досегашните активности не се доволни, потребно е одржување, континуирано почитување на минималните стандарди предвидени за установите за сместување на осудени и притворени лица. Здравствената нега е голем проблем. На пример, половина од затворите немаат лекар, додека затворениците можат да направат медицински преглед само два пати неделно. Замислете, во најголемиот затвор „Идризово“ со повеќе од 1.200 затвореници да има само еден општ лекар, две медицински сестри и психијатар ангажиран по потреба. Во кумановскиот затвор сè уште не се нуди метадонска терапија, иако и овде на издржување затворски казни се праќаат и наркозависниците, а да не зборуваме за процесот на ресоцијализација, кој не постои, а слична е ситуацијата и со можноста за завршување на образованието.

 

(ГАЛЕРИЈА) Мета од Белград: Борбата на српските студенти и граѓани не стивнува

Повеќе од три месеци поминаа од трагедијата на железничката станица во Нови Сад, Србија, а граѓанските протести и студентските блокади со барања за утврдување одговорност за несреќата и спроведување на правата...

Театарската претстава за млади „Чудо“, ќе биде изведена во понеделник во „Јадро“

Новата театарска претстава за млади „Чудо“, со текст и режија на Хана Миленковска, како и младата актерската екипа: Мартина Даниловска, Наум Ѓорѓиески, Ангела Пејковска, Димитар Паскоски и оригинална музика на Ади...

Бројот на ковид случаи во јануари е за 3,3 пати поголем во споредба со декември

Во текот на 2025 година, а заклучно со 2 февруари, регистрирани се вкупно 20 заболени лица од ковид-19. Бројот на заболени лица во месец јануари е за 3,3 пати поголем во...

ССМ: Само Владата може да влијае на трговците да ги намалат цените

Нови повици за бојкот на маркетите се споделуваат деновиве на социјалните мрежи, откако минатата недела за прв пат се случи бојкот поради високите цени. Граѓаните се повикуваат да се воздржат од...

(ГАЛЕРИЈА) Мета од Белград: Борбата на српските студенти и граѓани не стивнува

Повеќе од три месеци поминаа од трагедијата на железничката станица во Нови Сад, Србија, а граѓанските протести и студентските блокади со барања за утврдување одговорност за несреќата и спроведување...