Американската вселенска агенција (НАСА) распиша конкурс за да биде сигурна дека идните жители на земјиниот сателит и на црвената планета ќе имаат покрив над глава.

Проектот 3ДПХаб, кој е во рамките на програмата „Предизвици на векот“ на НАСА, предвидува развој на технологија за изградба на дом надвор од нашата планета, со користење локални ресурси и материјали кои може да бидат рециклирани. Целта е привремена изградба на домови за колонистите, кои еден ден ќе се населат на Месечината и на Марс.

Во првата фаза од конкурсот, кој ќе биде отворен до 15 јули, од заинтересираните кандидати се бара да замислат реалистични архитектонски решенија во три димензии, а победникот на конкурсот ќе добие чек од 50.000 американски долари.

Втората етапа, во која победникот ќе добие 1,1 милиони долари, ќе биде посветена на технологиите за 3Д-печатење и технологиите за комбинирање увозни и локални материјали, додека во третата фаза ќе се стави акцент на изградбата на градби со помош на наведените технологии.