НАСА пронајде водена пареа на Јупитеровата месечина Ганимед

Photo by NASA on Unsplash

НАСА пронајде водена пареа на Јупитеровата месечина Ганимед. Најновиот научен труд објавен во списанието Нејчр астрономи пред два дена го образложува ваквото откритие користејќи и нови и архивски податоци од вселенскиот телескоп Хабл на НАСА, кој повторно е во функција.

Научниците дошле до заклучок дека водената пареа на Ганимед се формира кога мразот од површината на месечината преминува од цврста во гасна состојба, прескокнувајќи ја течната состојба.

Претходните истражувања навестуваа дека Ганимед содржи количество на вода поголемо од она во сите океани на Земјата, но смрзнувачките температури на месечината значат дека водата на нејзината површина е целосно цврста. Океанот всушност би постоел околу 160 километри под нејзината кора.

Научниците се оптимисти дека таму доколку на Ганимед пронајдат вода, тоа би значело дека таму може да има и живот како нашиот. Доколку истражувањата покажат дека може да се пронајде вода надвор од Земјината топка, тоа би можело да се искористи во идни човекови походи и мисии во вселената.

Претходно во изминатиов месец, сондата Јунона на НАСА долета поблиску до Јупитер и Ганимед од кое било друго вселенско летало во повеќе од две децении, испраќајќи на Земјината топка прекрасни фотографии од нив.