НАСА: И покрај судирот на Џејмс Веб со микрометероид во јули ќе ги имаме сликите од вселената

Фото: Твитер профил на НАСА

Главното огледало на телескопот Џејмс Веб дојде во судир со мал фрагмент од карпа што остави забележлив ефект врз собраните податоци, јави Би-би-си.

Штетата беше предизвикана од страна на микрометероидот голем колку честичка прашина кој удри во сегментот познат како C3 од 18 други сегменти на примарното огледало. Сепак, судирот нема да ја наруши планираната мисија и најсофистицираниот телескоп во историјата ќе ни ги претстави најновите слики од вселената во јули.

„Кон крајот на мај, Веб беше пресретнат од микрометероид што удри во примарниот сегмент на огледалото. Не грижете се, и покрај тоа Веб сѐ уште работи на ниво што ги надминува сите барања на мисијата. Првите слики што ќе ја „расплетат“ вселената ги очекуваме на 12 јули“, информираа од НАСА на нивниот Твитер профил.

Научниците ќе го приспособат позиционирањето на засегнатиот сегмент на огледалото за да отстранат дел од изобличувањето, но не ќе можат да го отстранат целото.

Џејмс Веб е најнапредната опсерваториска направа што некогаш била испратена во вселената. На него работеше голем тим научници од НАСА, Европската вселенска агенција и Канадската агенција. Веб функционира на температура од – 230 Целзиусови степени и треба да ни ги претстави досега најпрецизните слики од вселената што е историски чекор кон напредокот на човекот за истражување и откривање на универзумот.

[Видео] Оптичките перформанси на Џејмс Веб ќе ги надминат очекувањата, тест-фотографија најавува големи откритија