Народната банка на Северна Македонија соопшти дека во јули вкупните депозити и кредити забележале годишен раст од околу 13 отсто.

Депозитите на домаќинствата се зголемиле за 1,1 отсто месечно и 13,3 отсто на годишно ниво, пред сè поради депозитните пари и долгорочните депозити. Кредитите на домаќинствата пораснале за 0,8 отсто месечно и 10,4 отсто на годишно ниво.

„Овој месец, кредитите на домаќинствата остварија месечен и годишен раст од 0,8% и 10,4%, соодветно. Промената по двете основи се должи на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари“, велат во соопштението

Најголем пораст имаат потрошувачките и станбените кредити.

Кредитирањето на фирмите е повисоко за 0,4 отсто на месечно и 15,9 отсто на годишно ниво. Растот целосно произлегува од денарските кредити, додека кредитите во странска валута се намалени.