Со размена на писма за соработка помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Генералниот директорат за економски и финансиски прашања на Европската комисија, Марко Бути, се склучи Договор за соработка во процесот на заштита на кованите евра од фалсификување, информираат од Народна банка.

Согласно со одредбите од склучениот договор, соработката ќе се одвива преку размена на технички, статистички и административни информации поврзани со фалсификуваните ковани евра откриени на територијата на нашата земја.

„Со Договорот, меѓу другото, предвидено е Народната банка да доставува одделни известувања до Европската комисија, како и квартални извештаи со статистички податоци за појавените фалсификувани ковани евра. Особено е значајно што, согласно со одредбите од Договорот, Европската комисија ќе обезбедува и техничка и административна помош за Народната банка и ќе врши обуки наменети за експертите од нашата земја, за откривање фалсификувани ковани евра“, се вели во соопштението.

Во изминатиот период, Народната банка, самостојно и во соработка со Министерството за внатрешни работи, спроведе низа активности за јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување пари, при што одделен акцент беше ставен и на спречувањето на фалсификувањето евра.