Согласно со априлскиот циклус проекции, се очекува дека растот на економијата во 2019 година ќе достигне 3,5 проценти, велат од Народна банка по Одржана редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.

„Во однос на најновите макроекономски показатели, според објавените проценети податоци за БДП, економската активност продолжи да расте и во вториот квартал на 2019 година, со реална годишна стапка на раст од 3,1 проценти (4,1 проценти во првиот квартал). Растот е движен од домашната побарувачка, при натамошен раст на личната и јавната потрошувачка и на бруто-инвестициите, додека нето-извозот има негативен придонес. Во првата половина од годината, растот на БДП изнесува 3,6 проценти и е малку поумерен од очекуваниот за овој период од годината“, велат од Народна банка.

Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите осум месеци од годинава изнесува 1,1 проценти, при што растот на цените е помал од очекуваниот.

„Воедно, очекувањата за движењето на странските цени, коишто влијаат врз домашните цени, се надолно ревидирани. Следствено, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 1,5 проценти засега се оценуваат како претежно надолни“, се додава во соопштението.