Народната банка во нејзината најнова проекција предвидува раст на економијата од 3,5 проценти, со понатамошно забрзување од 3,8 проценти во 2020 година и 4 проценти во 2021 и 2022 година.

Ваквата динамика на раст беше очекувана и во априлскиот циклус проекции, а поголеми промени не се направени ниту кај очекуваните извори на растот.

„Позитивен импулс врз растот и натаму се очекува домашната побарувачка, при натамошен раст на личната потрошувачка и закрепнување на инвестициската активност, додека придонесот на нето-извозот се оценува како негативен“, изјави гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

Изборите, според гувернерката може да влијаат на забавување на економската активност генерално но ефектите би биле на пократок рок. Она што според неа е важно да се продолжи со структурните реформи, за кога ќе завршат изборите да се оствари повисока стапка на раст.

Надолна ревизија е направена и на проекцијата на инфлацијата на еден процент за оваа и 1,5 проценти за следната година.

Кредитната активност на банкарскиот сектор и натаму се оценува како важен фактор за поддршка на економскиот раст и се очекува кредитниот раст за 2019 да изнесува 5,4 проценти.

Глобалниот амбиент е понеповолен од априлската проекција има зголемена глобалната неизвесност поради растечките трговските тензии, неизвесниот процес на Брегзит, геополитички ризици и променливоста на условите на финансиските пазари.