Фото: Мета.мк

Народна банка ја намали основната каматна стапка од 1,50 на 1,25 проценти, информираат од таму. Како причина за натамошно олабавување на монетарната политика од Народна банка наведуваат дека е заради дополнително олеснување на финансиските услови и натамошна поддршка на домашната економија, имајќи го предвид тековниот развој на пандемијата, којашто сѐ уште трае.

„Одлуката за понатамошно монетарно олабавување се носи во услови на стабилни движења на девизниот пазар и умерена динамика на инфлацијата, а додека сѐ уште постои неизвесност за здравствената криза и влијанието врз патеката на закрепнување на економијата. Во прилог на одлуката е и понагласениот приспособлив карактер на ЕЦБ заради одржување на поволните финансиски услови во подолг период,“ се вели во соопштението.

Од Народна банка оценуваат дека понатамошното олабавување на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките и натамошна кредитна поддршка на приватниот сектор, заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија.

На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика било заклучено дека засега тековите во економијата се стабилни, без поголеми отстапувања кај клучните макроекономски показатели во однос на проектираната патека.

Неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија.