Народната банка ги повика заинтересираните млади истражувачи со свој труд да се пријават на Конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2023 година.
Конкурсот беше објавен во јули, а крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2023 година. Право на учество имаат сите државјани на Северна Македонија на возраст до 35 години кои не се вработени во Народната банка и не се членови на нејзиниот Совет. Од НБРСМ додаваат дека авторите можат да конкурираат и со труд што веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2021 година.
Трудовите се поднесуваат по електронски пат на е-адресата konkurs@nbrm.mk, а целиот конкурс, критериумите и инструкциите за пријавување можат да се најдат на интернет-страницата на Народната банка.
Наградата за прворангираниот труд изнесува 100.000 денари, а доколку Одборот за оценување процени дека второрангираниот труд е со квалитет близок до прворангираниот, Народната банка може да додели и втора награда во износ од 50.000 денари. Од НБСРМ велат дека може да биде доделена и само втора награда или воопшто да не биде доделена Годишната награда, доколку се утврди дека ниеден од трудовите не ги исполнува потребните услови.