Народен правобранител: Образовниот процес на децата не треба да трпи последици од штрајкот

Фото: Порталб.мк

Правото на штрајк и правото на образование се две уставно загарантирани права, но во ситуација при судир на овие две права, според сите меѓународни документи и според Конвенцијата за правата на детето, предност се дава на правата на децата, што значи дека воспитно – образовниот процес не треба да трпи последици. Ова денеска го изјави Народниот правобранител Насер Зибери.

Тој вели дека до него веќе пристигнале претставки од родители, кои бараат да се преземат мерки за продолжување на наставниот процес во училиштата и градинките. Народниот правобранител апелира до синдикатите и владата да ги интензивираат преговорите, за што побрзо да се постигне договор.

Народниот правобранител вели треба да се внимава на дигнитетот на наставниците и на сите вработени во образованието, што подразбира и подобрување на нивната материјално-финансиска состојба, но треба и што поскоро да се најде решение за да нема последици по воспитно-образовниот процес кај децата и младите.

Зибери информираше дека до институцијата не се доставени претставки за попречување на правото на штрајк, туку само за попречување на правото на образование.

Министерот за образование Јетон Шаќири денеска изјави дека Министерството за образование и наука и Владата се подготвени во секој момент да ги продолжат преговорите со СОНК и да се најде излез од ситуацијата која не оди во прилог на учениците.

„Се обидовме и пред неколку дена понудивме зголемување на платите на наставниците за 10 отсто или во износ од 2.500 денари, но за жал, советот на СОНК одлучи тој предлог да не го прифати, затоа што, како што соопштија, 90 отсто од нивното членство преку „Вибер“ комуникација потврдило дека не го прифаќа ова најголемо покачување на платите во образованието во последните неколку години, кое Владата го понуди иако се наоѓаме во услови на голема економска и здравствена криза“, изјави министерот Шаќири.

Шаќири реагираше дека одредени членови на СОНК шират дезинформации во јавноста, со кои го поткопуваат процесот на преговарање и упати апел ваквите постапки да престанат за да се изнајде решение час поскоро.

Министерот потсети дека во 2018, 2019 и 2020 имало покачување на платите во износ над 21 отсто, како и дека со новиот Закон за минимална плата кој предвидува 6 месеци усогласување, ќе има ново зголемување за оние кои земаат плата под новиот договорен износ.

Тој апелираше до СОНК и членовите да се вратат на настава, бидејќи овој тип на штрајк, без организирање на настава не беше најавен и тоа создаде револт кај најголем дел од семејствата на учениците.

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков денеска рече дека разговарал телефонски со министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Сепак, тој тврди дека немало конкретен договор што би довело до прекин на штрајкот во училиштата и градинките и нов процент на покачување на платите од веќе понудените 10 отсто, а додаде и дека за прекин на штрајкот одлучуваат тие што штрајкуваат.

СОНК го започна штрајкот во градинките, основните и средните училишта во земјава на 11 април. Дел од институциите продолжија да функционираат со нормална работа, додека поголем дел од школите и градинките ја прекинаа наставата.