Неговите слабички испружени рачиња, насмеани очиња и детска срамежлива насмевка ни посакаа топло добредојде во дворот на семејната куќа во околината на Скопје, во еден сончев топол јулски ден, далеку од градската врева и жега. Трчкаше околу нас, видно возбуден дека дошле гости и почека најпрво да седнеме во дебелата сенка под лозницата, во широкиот двор, па застана насмеано со рачињата на грбот и чекаше. Со малку зачуден израз, како да чекаше нешто да го прашаме, па брзо, на секое наше прашање, ни одговараше со „да“.

Детето што нè пречека е родено со одредена форма на хендикепираност и оставено од своите биолошки родители. Во својот нов дом во Скопје тоа живее во згрижувачко семејство нешто повеќе од една година. Со „баба“ и „дедо“. Така му се обраќаат неговите згрижувачи, затоа што оваа брачна двојка е во повозрасни години и така им било советувано од психологот. Тие решиле да се грижат за него, да му дадат дом во кој меѓусебно ќе си ја разменуваат и дополнуваат љубовта. Беше очигледно дека во голем дел, за релативно кратко време, успеале во тоа.

Фото: Арбнора Мемети

„Сега е супер, кога го земавме не можеше ни стабилно да оди, беше многу темпераментен, нервозен… сега веќе сè разбира што ќе му кажеме, послушен е, мирен, колку што може да се очекува од дете како него, речиси сè може сам, се облекува, јаде, заспива, дури и по скали се качува, ги фрла отпадоците во канта… си игра со играчките, а многу сака да слуша музика и да танцува… какво беше кога го земавме… ова е сега друго дете. Само уште да почне да зборува, ќе биде супер. Ние се трудиме, ама тешко оди. Физички се развива добро. Сега чекаме детален медицински преглед и логопед, па да видиме која ќе биде дијагнозата и дали ќе има лек“, велат неговите згрижувачи, надополнувајќи се со речениците, а и со тонот во гласовите.

За оваа брачна двојка е многу важно си го имаат до нив три и пол годишното дете. На лицето на слабичкиот човек се оцртува радост и гордост додека зборува за него. Вели дека заедно со сопругата повеќе од десет години се обидувале да посвојат дете, но не успеале, па се решиле на оваа варијанта, да згрижат напуштено дете. Прашуваме: „А, што ако во меѓувреме им се одобри и посвојување?“, „Дали ќе го чуваат ова дете до неговата 18 година, па и подолго?“.

„Ако, дај Боже, ако ни дадат да посвоиме, и двете ќе си ги чуваме, дечиња, радост се. Ако не, ова ќе си го чуваме, додека можеме. Зошто не, да сме здрави и живи“, вели човекот, трчајќи од дворот до кујната и назад по неколку пати за да нè почести со ладна вода, кафе, сок…домаќински.

Фото: Арбнора Мемети

Состојбата со коронавирусот, како и кај секое семејство, и кај нив предизвикува промени во секојдневниот живот. Само што го запишале детето во градинка каде добро се снашло, почнало да се дружи со дечиња, да си игра со нив, се случи пандемијата.

„Бидејќи и двајцата сме вработени, оттогаш почнавме да одиме на работа во смени, за еден од нас да остане дома и да се грижи за него. Мораше така. Во изминативе месеци внимаваме максимално да го заштитиме и него и себе си. На работа носиме заштитна опрема, користиме дезинфекциски средства и засега е добро, никој од нашата работна средина не е заболен. Детево се трудиме што помалку да биде во контакт со луѓе, среќа имаме широк двор и може слободно да си игра на чист воздух, а понекогаш одиме и во станот во Скопје, чисто за да смени малку средина и да му биде поинтересно“, вели жената, покажувајќи истовремено на големата бавча зад куќата, насадена со разни зеленчуци и овошки.

Овие згрижувачи велат дека парите кои ги добиваат од државата им се доволни за да му пружат сè што е неопходно на детенцето, од храна, облека, играчки… На прашањето, колку пари добиваат месечно од државата, сопругот вели: „Чекај, колку беа…9.000 денари ли…не, не знам, нешто скоро жената се збуни, беше во банка и имаше повеќе пари, не знам зошто?“, одговара збунето, и како да е неважно, погледнувајќи кон службеничката од Центарот за социјални работи, која му објасни дека сумата од неодамна е зголемена. Тој додава дека од почетокот на пандемијата на ковид-19, од Црвениот крст еднаш добиле помош, пакет со прехранбени производи.

Фото: Арбнора Мемети

Во меѓувреме, нашиот мал домаќин нè прекинува во разговорот, ни ја носи топката и изговарајќи „да, да“ како да сака да ни каже дека не сме му интересни со муабетите и сака да си игра. Па, почна да ни ја додава топката и по кратко шутирање, отрча во куќата и ни донесе чоколатца. Нè почести со горд израз и насмевка на лицето, како да направил нешто значајно.

Заминуваме од семејството, со мислата дека овие луѓе навистина заслужуваат да го дочекаат денот кога малото момче ќе прозбори и ќе им рече: „Ви благодарам за сè“.

Ова дете е само едно од многуте кои во моментов си нашле свој дом во згрижувачко семејство. Вкупниот број на згрижувачки семејства во земјава е 206, кои згрижуваат вкупно 400 лица, 383 деца и 17 возрасни. Сместените деца се на возраст од помалку од една до 18 години. Најмногу вакви семејства има во Скопје – 80. Иако не е стриктно дефиниран периодот на времетраење, згрижувањето трае додека не се обезбеди трајно решение за сместување, враќање во биолошкото семејство или, доколку тоа не е можно, посвојување.

Фото: Арбнора Мемети

Од Министерството за труд и социјална политика за „Мета.мк“ велат дека сместувањето на деца без родители или родителска грижа во згрижувачко семејство е најсоодветен облик на нивна заштита. Тоа го потврдиле и домашните и меѓународните искуства, дека семејната средина овозможува правилен психо-социјален развој на детето. Оваа форма на заштита на децата успешно се применува во државава веќе со децении и постојано се развива и унапредува. Со Законот за социјалната заштита од 2019 година, згрижување во семејство опфаќа основна заштита и 24-часовна грижа за деца (и возрасни лица) кои немаат свое семејство или услови за живот во сопственото семејство. Законот разликува општо згрижување, специјализирано, повремено, интервентно или роднинско.

Згрижувачот е должен на детето да му обезбеди згрижување и сместување во семејството, нега, општа и лична хигиена, исхрана, облека и обувки, грижа за здравјето и за неговиот развој, воспитување и образование. Исто така, има обврска да ја почитува етничката припадност и верските обичаи на детето и да се грижи за задоволување на културните, забавните и рекреативните потреби. Специфично е дека обврска на згрижувачот, за разлика од посвоителот, е да овозможи продолжување на врската на детето со неговото биолошко семејство, доколку го има, и да се грижи и да го подготвува детето за средбите со неговото биолошко семејство.

„Постапката е детално пропишана со подзаконски акт и се води преку центрите за социјална работа (ЦСР). Заинтересираните згрижувачи се пријавуваат во месниот ЦСР, кој врши стручна проценка на: подобноста, т.е. дали ги исполнуваат законските критериуми; во колкава мера можат да одговорат на потребите за развој на детето и да му овозможат да зајакне, за да се справи и да ги надмине кризните ситуации со кои се соочува; ризиците и слично. Идните згрижувачи добиваат обука од ЦСР за детално да се запознаат со своите одговорности и задачи и одлуката за сместување на конкретно дете кај конкретен згрижувач ја носат ЦСР“, објаснуваат од МТСП.

Фото: Арбнора Мемети

Интересот за згрижување е константен, со одреден раст во изминатите две години. Во соработка со УНИЦЕФ, МТСП ја спроведе кампањата „На секое дете му треба семејство“ во 2018 година. Беа идентификувани триесетина нови семејства кои изразија интерес да станат згрижувачи, за што беше направена проценка и организирани обуки. На крајот од 2019 година беше значително зголемен износот на паричниот надомест, а во тек се подготовките за формирање на Центри за поддршка на згрижувачките семејства во Скопје и во Битола кои се очекува да започнат со работа во последниот квартал од годинава.

„Надоместоците во просек се зголемија за 30 отсто, во зависност од видот на згрижувачкото семејство и од бројот на згрижени деца. Од почетокот на годинава, за едно дете месечниот надомест изнесува 13.847 денари, за две 24.010 денари, за три 32.301, за 4 деца 39.512 и за 5 деца 46.040 денари. За згрижувачи на деца со попреченост, за едно дете месечниот надомест е 16.219 денари, а за две 28.172 денари. Од лани повторно е воведено и роднинското згрижување (роднини од поширокото семејство – баба, дедо, вујко, тетка и други) кои претходно не добиваа надомест. Па, од почетокот на 2020 година ним им се исплаќаат по 9.393 денари месечно за едно дете, а по 15.102 денари за две деца“, објаснуваат од МТСП.

Освен парите од државата, има многу примери досега на помош од компании, здруженија и поединци, кои помагаат на одредено згрижувачко семејство, а помошта се реализира преку ЦСР. Најчесто станува збор за донации во училишен прибор и облека, храна и пелени за бебиња, компјутерска опрема, велосипеди за поголеми деца, божиќни и новогодишни подароци и слично.

ЦСР се одговорни да го следат напредокот, добросостојбата и остварувањето на најдобриот интерес на детето во згрижувачко семејство. Тие нудат совети и поддршка, но доколку се утврдат какви било неправилности кои го загрозуваат детето, се прекинува сместувањето и се наоѓа алтернативно сместување, а може да се преземат и чекори за утврдување на евентуална одговорност на згрижувачот. Надзор над стручната работа на ЦСР врши Заводот за социјални дејности, а редовен надзор и надзор на законитоста во постапувањето по поднесена поплака врши Секторот за инспекциски надзор при МТСП.

„Сите податоци за згрижувачкото семејство со кои располага ЦСР се службена тајна, пред сè поради заштита на приватноста на корисниците на социјалните права и услуги. Сите вклучени институции и лица имаат обврска да ги чуваат личните податоци. На пример, никој не смее да го објавува името и презимето на детето сместено кај згрижувач или да објавува информации за неговата семејна, здравствена, образовна или друга состојба. Постапувањето спротивно од ова правило може да го отежни вклучувањето на детето во неговата непосредна средина или во пошироката општествена заедница, дури и да предизвика стигма и предрасуди кон него“, посочуваат од МТСП.