„Напред, без да се заборави нашата солидарност и антифашизам“ – нов мурал во Прилеп

Муралот „Напред, без да се заборави нашата солидарност и антифашизам“ во Прилеп / Фото: Акто фестивал за современи уметности 2020

Со изработка на муралот насловен „Напред, без да се заборави нашата солидарност и антифашизам“ на фасадата на хотелот „Скопје” во центарот на Прилеп, продолжува програмата на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат(ФР~У).

Автор на муралот е Ристо Аврамовски во соработка со Владимир Милиќ, Филип Јовановски и Ненад Тонкин и е во продукција на ФР~У во соработка со Центарот за современи ликовни уметности и Јавен Простор – Прилеп.

Претходните пет мурали кои се дел од овој фестивал, беа изведени на јавни институции, јавни простори, центри за култура со цел да се истакне солидарноста и соработката со јавните институции од културата и да се прати порака за заедништво во секоја локална средина поединечно.

Муралот „Напред, без да се заборави нашата солидарност и антифашизам“ во Прилеп / Фото: Акто фестивал за современи уметности 2020

Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со корона вирусот, потенираат од АКТО фестивалот за современи уметности.

Муралот кој се протега на површина од околу 700 метри квадратни, реферира на „Песна за солидарноста” од Бертолт Брехт и симболично е поставен во близина на локација која е важна за антифашистичката борба, а тоа е објектот на Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“.