Сенатот во САД гласаше со 60-40 гласови, што е важен чекор кон деблокирање и повторно отворање на Владата, а клучен беше гласот на републиканскиот сенатор Џон Корнин од Тексас, со кој беше постигнато потребното мнозинство од 60 гласови, пренесува „Би-Би-Си“. Гласањето се случи откако критична група од осум центристички демократи во Сенатот постигна договор со лидерите на републиканците во Сенатот и со Белата куќа, да се отвори повторно Владата во замена за идно гласање за продолжување на засилените субвенции од Законот за пристапна здравствена заштита (Affordable Care Act).
Има уште чекори пред Владата навистина да се отвори. Секој поединечен сенатор може да го одложи разгледувањето на пакетот за неколку дена, плус Претставничкиот дом ќе мора да се врати и да го усвои договорот постигнат во Сенатот пред истиот да биде испратен на потпис до претседателот Доналд Трамп.
Последиците од затворањето се чувствуваат низ целата држава. Пред гласањето, секретарот за транспорт, Шон Дафи, изјави дека верува оти авионскиот сообраќај ќе биде „сведен на минимум“ пред Денот на благодарноста. Министерството за земјоделство, пак, им нареди на државите да престанат со издавање на полни бенефиции за бонови за храна откако Врховниот суд донесе одлука поврзана со тоа, пренесува „Би-Би-Си“.
