Напаѓачите кои во јули изведоа терористички напади во Германија преку интернет добивале упатства од членови на Исламска држава, кои се наоѓале, меѓу други земји, и во Саудиска Арабија, јавуваат германските медиуми, повикувајќи се на извори од Сојузната канцеларија за борба против криминалот.
Двајцата напаѓачи, 17-годишниот мигрант од Авганистан кој на 18 јули во воз во Баварија со нож и секира тешко повреди неколку патници, пред да биде убиен од полицијата, како и 27-годишниот сириски мигрант кој се разнесе со бомба пред концерт во Ансбах, исто така во Баварија, кратко пред нападите преку интернет-комуникација добивале инструкции од лица од Блискиот Исток, пред се од Саудиска Арабија.
Напаѓачот од возот од непознато лице, за кое се претпоставува дека е припадник на ИД, добило инструкции нападот да го изврши со автомобил, на тој начин што ќе влета во маса на луѓе. На ова, младиот мигрант одговорил дека не знае да управува автомобил и дека се решил нападот да го изврши со нож и секира во воз.
Според оваа комуникација, како што јавува „Шпигел Онлајн“, 27-годишниот сириец пак требало експлозивната направа да ја остави меѓу публиката на концертот, а тој, заради пропагадни цели на ИД, целиот напад да го снима со камера.
Наводно, според информациите на германските медиуми, бомбата во ранецот на сириецот детонирала случајно, додека тој сè уште ја носел со себе.
Како што пренесува „Шпигел“, Саудиска Арабија им понудила помош на германските власти за откривање на лицата кои комуницирале со напаѓачите во Баварија.