Во вчерашниот напад извршен од јеменските Хути врз јужниот дел на Саудиска Арабија беа повредени 11 цивили, соопшти воен претставник, а кралството предупреди дека се можни координирани напади од страна на Хутите и проиранските ирачки милиции, пренесува „Ројтерс“.
Генерал-мајор Турки ал-Малики, портпарол на саудиската воена коалиција што ја поддржува меѓународно признатата влада на Јемен, денеска изјави дека во нападот во јужната покраина Наџран биле повредени седум саудиски државјани, еден Јеменец, двајца Египќани и еден пакистански државјанин.
Меѓу повредените е и четиригодишно дете кое се здобило со изгореници од втор степен.
Ал-Малики ги обвини Хутите, кои се сојузници на Иран, дека неселективно гранатирале цивилни области, со што го прекршиле меѓународното хуманитарно право. Тој додаде дека коалицијата ќе продолжи да ги презема сите неопходни мерки за заштита на цивилното население.
Од страна на Хутите и Иран засега нема официјален коментар на соопштението на коалицијата, додека петмесечниот конфликт меѓу САД, Израел и Иран дополнително ги усложнува безбедносните пресметки на Саудиска Арабија.
Деценискиот конфликт на Ријад со Хутите, кои се поддржани од Техеран, станува сè повеќе поврзан со поширокиот регионален конфликт. Акциите на Хутите, како што е блокадата на Црвеното Море што ги наруши саудиските извозни рути за нафта, дополнително ги зголемија ризиците и тензиите во регионот.
