Наместо за производство на струја, стакленичките гасови од фармите од земјава завршуваат во атмосферата [инфографик]

Фото: Christopher Carson on Unsplash

На Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП 26), 104 држави од светот се договорија да ги намалат емисиите на метан во атмосферата за најмалку 30 отсто до 2030 година. Овој гас се задржува во атмосферата многу пократко од јаглерод диоксидот, но потенцијалот на метанот да загрева е за 80 пати поголем од CO2 во период од 20 години. Оттука, и поскромното намалување на емисиите на метан во атмосферата придонесува за зголемен придонес во ублажување на глобалното затоплување.

Метанот во атмосферата првенствено се испушта од производството и транспортот на нафта, гас и јаглен, како и во неколку земјоделски сектори и распаѓањето на отпадот на депониите. Според податоците од последниот Двогодишен извештај за климатски промени на Министерството за животна средина и просторно планирање, дури 96,4 отсто од испуштените стакленички гасови во земјава се јаглерод диоксид, додека емисиите на метан се 2,8 отсто и 0,8 отсто на азотниот оксид.

Притисокот кон земјава за редукција на испуштањето на метанот, но и на азотниот оксид, се чини дека ќе биде најголем токму во земјоделскиот сектор и отпадот, кои се и најголеми произведувачи на метанот. Од Здружението „Рурална Коалиција“ за Мета.мк велат дека во секторот Земјоделство, шумарство и други употреби на земјиштето токму Сточарството емитира околу 50 отсто од вкупната емисија на стакленички гасови.

„Близу 80 отсто од емисијата на стакленички гасови како резултат на активностите поврзани со сточарското производство е метан, од етеричната ферментација кај говедата“, објаснуваат од „Рурална Коалиција“.

Поради зависноста на населението од земјоделство, а особено од сточарството, земји како Индија на КОП 26 одбија да го потпишат договорот за редукција на емисиите на метан, поради стравувањата околу тоа како ваквиот потег ќе се одрази врз огромниот број на рурално население кое преживува од земјоделството во Индија, јавува Ројтерс. 

Стратегија има, за конкретна акција молк

За разлика од Индија, Северна Македонија летово ја усвои Долгорочната стратегија за климатска акција, во која токму за секторот Сточарство и редукцијата на метанот се поставени конкретни мерки што треба да се преземат во наредниот период. Па така, предвидени се следниве мерки: намалување на емисиите на метан од ентерична ферментација кај млечните крави за 3 отсто, намалување на емисиите на азотен оксид од управувањето со ѓубриво кај млечните крави за 20 отсто, намалување на емисиите на азотен оксид од управувањето со ѓубриво на фарми за свињи од 13 отсто и намалување на емисиите на азотен оксид од ѓубриво кај млечните крави за 20 отсто на фармите кои имаат под 50 единици на добиток.

Во однос на конкретен патоказ и рокови за спроведување на ваквите мерки, поставивме прашања до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пред една недела, но Мета.мк не доби одговор на ниту едно од нив.

Од Здружението „Рурална Коалиција“ пак објаснуваат дека во земјава постојат над 5.000 говедарски фарми и 2.315 регистрирани одгледувалишта на свињи. И покрај намалувањето на бројот на добитокот, сточарството придонесува со 40 отсто од вкупната вредност на македонското земјоделство.

„Потребни се политики за поттикнување на сточарите за ублажување на нивните емисии и секако употреба на инпути со низок интензитет на емисија“, објаснуваат од „Рурална Коалиција“.

Тие го даваат заклучокот дека на фармите не се води посебна грижа за соодветен третман на ѓубрето на фармите.

„Главно малите фармери ѓубрето го третираат на многу традиционален начин, не водат грижа за емисија на стакленички гасови но и загуба на материи од него. Главно тоа се третира како отпад и не се препознава неговата вистинска употребна вредност“, додаваат од „Рурална Коалиција“.

Наместо во производство на струја, метанот се испушта во атмосферата

Земјава треба да работи на нови технолошки развојни практики, финансиски и регулаторни стимулации на земјоделците, реакции и дејствување на граѓанските организации за зголемување на свесноста и одговорноста кај земјоделците, но и изградба на енергетски капацитети за производство на биогас.

Според Регистарот на електроцентрали за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија на Агенцијата за енергетика, на крајот од октомври годинава имало само три постројки на биогас за производство на струја, со инсталирана моќност од 7 мегавати и план за годишно производство на 58.592 мегават часови електрична енергија.

Изградба на нова биогасна електрана во овчеполското село Сарамзалино што ќе произведува струја за 2.750 домаќинства; Извор: Влада на РСМ

Биогасните електрани би ги намалиле емисиите на метан и азотен оксид од земјоделството, бидејќи ѓубрето би се искористило како извор на биогасот.

„Биогасот може да се користи како природен гас, а исто така ќе се произведува и високо квалитетно ѓубриво што е уште една долгорочна добивка од правилното третирање на отпадот од сточарските фарми, за кое што третирање, за жал, никој сè уште не сака да се зафати поради големите финансиски средства кои што е потребно да се вложат“, велат од „Рурална Коалиција“.

Што велат статистичките резултати?

Податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека емисиите на метан во Северна Македонија опаѓаат низ годините, но испуштањето на азотните оксиди достигнало рекордна бројка во 2019 година. Во овој период земјава испуштила азотни оксиди во обем од 141,16 килотони, што е најголемо количество во периодот од 1990 година до денес.

Наспроти ова, рекордните емисии на метан од 0,94 килотони се забележани на почетокот од 90-тите години на минатиот век, за во 2019 година оваа сума да се намали на 0,63 килотони. И покрај ова, испуштањето на метанот во атмосферата од секторот Отпад достигна 52 отсто во вкупниот удел, со можност за натамошно зголемување поради порастот на количествата на ѓубре што се создава во земјава и минорниот процент на рециклирање, компостирање и согорување на ваквиот отпад. Во земјава не постои ниту една постројка што би го користела метанот што се испушта од депониите за производство на енергија.

Секторот Земјоделство, Шумарство и употреба на природни ресурси пак има учество во вкупниот удел во испуштањето на метанот со 27 отсто, но за разлика од отпадот, земјоделското производство во изминативе три децении не бележи нагорен тренд на раст, туку намалување на обемот на производство. Притоа, млечните крави и другите говеда, како и свињите, го имаат главниот удел во испуштањето на метанот во земјоделскиот сектор е од одгледувањето на овие животни.

ЕУ и младите се шансата за климатска акција во Сточарството

Според Здружението „Рурална Коалиција“, за да може земјава да ги намали емисиите на стакленички гасови во земјоделскиот сектор, мора да се постави фокусот на можноста што ја имаме со новата Заедничка земјоделска политика на Европската Унија и на младите земјоделци.

„Токму младите се делот на популацијата кој е најдобро информиран и најангажиран околу потребата за преземање на климатски акции. Сега е вистинското време да се воспостават политики со кои младите кадри, кои имаат знаења и вештини за земјоделското производство, стекнати низ формалните системи на образование, да се спојат со земјоделското земјиште, со средствата за земјоделско производство и со изворите на финансии потребни за започнување на сопствен бизнис во секторот“, потенцираат од ова здружение.

Младите стручни кадри би можеле да дојдат до нови идеи, кои она што денеска го гледаме како негативност во земјоделството од аспект на климатските промени ќе се претвори во предност. Не смееме да заборавиме, велат од „Рурална Коалиција“ дека зголемената концентрација на јаглероден диоксид е значаен потенцијал за интензификација на продукцијата на биомаса.

Големите млечни и месни гиганти во светот се проблем

Колку и да е значаен националниот придонес на секоја одделна земја во намалувањето на емисиите на стакленички гасови во земјоделството, на меѓународно ниво сепак е круцијално и дејствувањето на големите корпорации од сточарството. Тие имаат животински фарми низ целиот свет, а до пред почетокот на КОП 26 ниту една од 20-те најголеми компании кои го создаваат „огромното мнозинство“ на емисии на стакленички гасови во сточарството, немаа конкретни цели за намалување на испуштањето на метанот во атмосферата, пишува весникот Гардијан.

Весникот ја објави листата од еден француски и јапонски корпорации за производство на месо и млечни производи, кои имаат најлоши резултати во намалувањето на емисиите на стакленички гасови. Владите и меѓународните организации треба да ги принудат ваквите гиганти да преземат свои конкретни планови за намалување на емисиите на метан и азотни оксиди во нивните животински фарми, покрај националните придонеси на секоја земја одделно во делот на земјоделството.

 

Автор: Бојан Блажевски