Наместо во ветерот и дождот, спас за аерозагадувањето да се гледа во формирање на Фонд за животна средина

Кулите Џефахир Скај Сити осамнаа во првата скопска магла оваа сезона. Фото: Мета.мк

Почна сезоната на опасно живеење во македонските градови поради високото ниво на загадување на воздухот. Во доцните попладневни и вечерните часови, воздухот во Скопје и низ другите населени места го менува мирисот, додека мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање и апликацијата Мој воздух веќе почнаа да алармираат за денови со високо ниво на загадување од штетните честички, кои ги надминуваат дозволените вредности.

Европската Комисија во последниот Извештај за реформскиот напредок на Северна Македонија за годинава јавно потенцираше дека земјава треба да го зголеми износот на финансиите и на локално и на национално ниво за да се намали аерозагадувањето. Загадувањето на воздухот останува сериозна грижа, велат од Европската Комисија.

Од Владата на РСМ за Мета.мк се надеваат дека со јакнењето на капацитетите и подетално уредување на обврските ќе се постигне ефект против загадувањето на воздухот во скоро време. Во функција на ова, една од клучните измени на Законот за воздух се однесува на точните обврски и координација на органите на локалната и централната власт, кои ќе бидат определени со точни планови и задолжителни мерки.

„Во моментот во тек се подобрувања и на законските измени на начинот на финансирање на општините така што веруваме дека и тоа ќе вроди со плод во оваа област“, велат од Владата на РСМ.

Наспроти ова, од Еко-свест за Мета.мк пак посочуваат дека на земјава ѝ е неопходно формирање на Фонд за животна средина, кои тие како организација го предложиле во неколку наврати изминатиов период.

„Во моментов сме во фаза на изработка на анализа која треба да даде одговор на прашањето како успешно да се создаде и управува со ваков фонд“, велат од Еко-свест.

Тие додаваат дека имплементацијата на мерките во борбата против аерозагадувањето ќе зависи исто така и од капацитетите на институциите и соработката меѓу нив, но исклучително важна ќе биде и соработката помеѓу централните и локалните власти.

Северна Македонија на изминативе локални избори доби нови градоначалници и општински совети, кои во предизборната кампања не се осмелија да ветуваат премногу во однос на намалување на загадувањето на воздухот, земајќи го предвид фактот дека претходните општински раководства беа критикувани токму поради недоволно спроведените мерки за контрола на загадувачите.

Инаку, најсериозен загадувач во текот на зимските месеци е токму затоплувањето на објектите, за што Владата на РСМ и дел од локалните самоуправи дадоа субвенции во 2020 и 2021 година за набавка на инвертер клима уреди за домаќинствата кои немаат можност да се грејат на централно парно греење во земјава.

Втор голем загадувач на воздухот е транспортот, за којшто од Владата досега единствено се обезбедени средства за субвенционирање на вградување на плински уреди во автомобилите, за којшто годинава беа поднесени 670 барања од заинтересираните граѓани, наспроти над половина милион возила кои официјално се регистрирани во земјава.

Она што најмногу им се замеруваше на локалните власти во изминатиов период пак, се дивите депонии “распослани” по градовите, кои се палат од несовесните граѓани или се горат кабли и други отровни материјали од собирачите на отпад, во функција на остварување на заработка. И покрај напорите на Градскиот инспекторат во Скопје за да ги открие ваквите загадувачи со термални дронови, другите општини во земјава премалку прават за да ги казнат граѓаните кои палат разни видови на отпад.

Инаку, Владата есенва најави формирање на зелен фонд за борба против аерозагадување и климатски промени во вредност од 36,3 милиони долари, но земјава пари за реализација на проекти ќе бара од глобалниот Заеднички фонд за Целите за одржлив развој при Обединетите нации.