fbpx

Наместо стимулирање на набавка нови возила и премин на плин на половните, државата презема спротивни мерки

-

Не постојат субвенции за граѓаните за набавка на електрични или хибридни возила во државниот буџет за 2021 година, средствата за субвенционирање за вградувањето на уреди за плин во старите возила се проектирани на само 210.000 евра за наредните 12 месеци, еколошките налепници за возилата не профункционираа ниту оваа зимска сезона, а не постои ниту рок кога би се вовеле построги законски рестрикции за увоз на половни возила во земјава, со кои ќе се забрани внесувањето на возила со стандарди пониски од ЕУРО 5 кои испуштаат поголеми количества на издувни гасови.

Како капак на сè, Собранието пред Нова Година го усвои Законот за регистрација на возила со странски регистарски таблички. Со овој закон, сите возила кои влегле во земјава до 1 октомври 2020 година со странски регистарски таблички, ќе може во рок од една година да се регистрираат со намалени давачки од 50 отсто од утврдената вредност на сите давачки кои се плаќаат при увоз на возилото од страна на надлежните државни власти.

Од Центарот за климатски промени за „Мета.мк“ велат дека последната одлука за регистрацијата на возилата со странски таблички со помали давачки е уште едно надополнување на лошите политики на државата. Тие додаваат дека постои вистинска револуција кај набавката на половни возила од 2010 година до денес, при што надвор од зацртаните политики се носат неиздржани, популистички и штетни мерки.

„Градските власти неопходно е да работат на приспособување на улиците за користење на велосипед, тротинет па дури и атрактивни пешачки зони кои ќе им причинуваат задоволство на граѓаните да ги користат. Понатаму да се направат промени во политиките кои ќе дестимулираат набавка на половни возила, односно стимулирање на купувањето на нови ефикасни возила, преку даночни олеснувања и одредени поволности преку надомест за старо возило, ценовни политики за поттикнување на користењето на јавен превоз, користење на велосипед, модернизација на јавниот превоз“, велат од Центарот за климатски промени.

Државата, во делот на стимулирањето на користење на електрични возила, за сите категории од овој тип веќе воведе даночно ослободување за моторните возила, додека пак хибридните возила подлежат на ослободување на 50 отсто од данокот. Сепак, со години доцнат или се одолговлекуваат со реализација субвенциите за електрични и хибридни возила што би се доделувале преку Министерството за економија, а касни и воведувањето на еколошките налепници на возилата кои би одредиле кои возила нема да можат да сообраќаат во деновите на енормно загадување на воздухот.

Од Центарот за климатски промени велат дека треба да се размислува на построги критериуми, како што е забраната за увоз на автомобили со послаби ЕУРО стандарди, што би била една од мерките во борбата против аерозагадувањето. Нивен предлог е и имплементацијата на пилот проекти кај јавните претпријатија, јавните превозници и такси компаниите за набавка на возила со висока ефикасност во користењето на горивото, подготовки за воведување на Директивата за Чисти Возила (Clean Vehicles Directive) и постигнување на оперативни заштеди преку пониски трошоци за гориво.

Инаку, субвенциите за вградување на уреди на плин во висина од 210.000 евра се единствената директна мерка со која државата преку Министерството за економија ќе влијае на намалување на аерозагадувањето што го вршат возилата во земјава. Притоа, со распределените 210.000 евра ќе може да се спроведе оваа мерка само кај мал број на возила.

Центарот за климатски промени спроведе истражување, со експертски тим предводен од проф. д-р Дејан Мираковски, за влијанието на сообраќајот врз загадувањето на воздухот во Скопје, при што за да се споредат 2019 и 2020 година се спроведе анализа на три временски периоди од добиените резултати од мерните станици во Скопје. Резултатите покажаа дека во периодот кога беше ограничено движењето во главниот град, во периодот од 18 март до 26 мај 2020, помалку азотен двооксид (NO2) и ПМ-2.5 честички биле испуштени во воздухот во Скопје во споредба со истиот период од 2019 година. Подетални резултати од истражувањето може да се прочитаат овде.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...